Полска ќе го намали ДДВ-то за некои прехранбени производи на нула


Полската влада има намера да го намали ДДВ-то за некои прехранбени производи на нула од 1 февруари, како дел од програмата за даночни намалувања и парични средства кои треба да го ублажат влијанието на спиралната инфлација врз потрошувачите.

Полска побара одобрение од Европската унија за промена на даночните регулативи за намалување на ДДВ на храната, пренесува Ројтерс.

Државната новинска агенција ПАП во средата го цитираше економскиот комесар на ЕУ, Паоло Џентилони, дека нула ДДВ за храната ќе биде легализиран за земјите-членки во иднина.

Приватниот сервис Полсат њуз цитираше неименуван извор од Европската комисија дека Полска добила неформална согласност веднаш да ја спроведе промената.

Министерот за финансии Тадеуш Кошински изјави за Полсат њуз дека Варшава има премолчено одобрение од Брисел за промената и таа може да се спроведе порано од 1 февруари, но на трговците на мало им треба време да се подготват.

„Во Полска има над 1,5 милиони каси, кои треба да се пререгистрираат… треба да почекаме до 1 февруари поради таа причина“, рече тој.

Мерката ќе биде дел од пакетот мерки за ублажување на влијанието на зголемената инфлација врз домаќинствата, изјави премиерот Матеуш Моравјецки.
„Постојат многу добри шанси од февруари да го намалиме ДДВ-то за основните прехранбени производи на нула, најмалку за шест месеци“, рече Моравјецки на прес-конференција, пренесува Ројтерс.

Владејачката полска Партија на правото и правдата (ПиС), која претходно усвои пакет мерки за намалување на даноците на бензинот, гасот, парното и електричната енергија и најави еднократна финансиска помош за домаќинствата, вели дека не можела да го намали ДДВ за храната на нула поради Правилата на ЕУ.
Инфлацијата во Полска во ноември изнесуваше 7,8 отсто на годишно ниво, соопшти Заводот за статистика.