Полска ќе ги конфискува возилата на пијаните возачи


 

Автомобилите на пијаните возачи во Полска ќе бидат конфискувани според новиот закон одобрен од полскиот парламент и во моментов се чека конечниот потпис од претседателот Анджеј Дуда.

Секој кој ќе биде фатен со 0,15% алкохол во крвта или кој ќе предизвика сообраќајка со најмалку 0,05% алкохол во крвта, ќе мора да го предаде својот автомобил и тој ќе стане сопственост на државата, објави полскиот сајт Notes from Poland. Според полскиот закон, границата до која може да се вози автомобил е 0,02% алкохол во крвта.

Ако автомобилот на пијаниот возач е уништен како резултат на несреќата, или ако всушност е во сопственост на друго лице, пијаниот возач ќе мора да плати казна еднаква на вредноста на автомобилот.

Законот вклучува еден исклучок за професионалните возачи кои возат службени автомобили. Во овој случај, судот ќе издаде парична казна од најмалку 5.000 злоти, која ќе оди во Фондот за поддршка на семејствата на жртвите. Не се очекува да бидат одземени велосипеди.

Новите мерки се меѓу бројните неодамнешни активности преземени за подобрување на безбедноста во Полска, која има една од највисоките стапки на смртност на патиштата во ЕУ.

Предлогот на полското Министерство за правда беше критикуван од опозицијата, која тврди дека тој целосно се фокусира на репресивни мерки, а не на други форми на казнување и дека им ја одзема способноста на судиите да изречат најсоодветна казна за конкретниот случај на сообраќајна несреќа.

Горниот дом на парламентот, Сенатот, каде опозицијата има мнозинство, го отфрли законот. Но, таа одлука беше поништена од владиното мнозинство во помоќниот долен дом. Доколку биде потпишан од претседателот Анджеј Дуда, сојузник на владата, тој ќе стапи на сила за три месеци.

Полска има една од најстрогите ограничувања за возење под дејство на алкохол во ЕУ (0,02%), при што повеќето земји дозволуваат до 0,05% алкохол во крвта. Четири земји – Чешка, Унгарија, Романија и Словачка – имаат апсолутна забрана за возење со алкохол во крвта.