Полска и Романија ја загубија тужбата. Мора да му платат на Фајзер 1,9 милијарди евра


Белгиски суд во среда пресуди дека Полска и Романија мора да ги преземат и платат вакцините против КОВИД-19 од американскиот фармацевтски производител Фајзер. Вкупната вредност на нарачаните вакцини е 1,9 милијарди евра (2,2 милијарди долари), објави Ројтерс.

Фајзер покрена судска постапка против Полска и Романија кон крајот на 2023 година за да ги принуди да се придржуваат до договорот склучен меѓу Европската комисија и компанијата. Договорот предвидуваше испорака на одреден број дози вакцини во текот на неколку години.

Полска одби да ги почитува договорните обврски во април 2022 година, наведувајќи го развојот на пандемијата, војната во Украина и можната злоупотреба на доминантната позиција од страна на Фајзер. Романија подоцна го презеде истиот чекор. Бриселскиот суд ги отфрли овие аргументи и им наложи на двете земји да ги превземат дозите вакцини и да ги намират своите долгови.

Според пресудата, Полска мора да плати 1,3 милијарди евра, додека обврската на Романија се однесува на дози во вредност од 600 милиони евра. Полското Министерство за здравство немаше непосреден коментар за одлуката на судот. Романската влада соопшти дека не добила официјално известување за пресудата и затоа не може да коментира.