Полска е подготвена да ни помогне со експерти за ЕУ ако побараме


Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан останува приоритет на полското претседателство со Советот на Унијата, кое почна на почетокот на месецов, вели во интервју за „360 степени, вршителот на работи амбасадор на Полска, Мариуш Бримора,  во Северна Македонија. Тој уверува дека Полска не се откажала од Балканот како дел од нејзините приоритети и нагласува дека неговата земја ќе ги продолжи и зајакне активностите за забрзување на пристапувањето на регионот во Унијата.

-Минатиот декември премиерот Туск, за време на посетата на Србија, изјави дека проширувањето на ЕУ ќе биде во фокусот на нашето внимание за време на претседавањето. Ќе ја повикаме новата висока претставничка Каја Калас, за време на нашето претседавање, да организира министерски состанок ЕУ-Западен Балкан за да се задржи интересот за соработка со регионот, да се процени напредокот во проширувањето и, на пример, да се постигне напредок во нормализацијата меѓу Србија и Косово.

Ги поддржуваме земјите од Западен Балкан низ низа други активности и проекти како твининг-проектите, еден од нив наредната недела ќе биде отворен овде во Скопје. Со него ќе раководат полски експерти за транспортни прашања. Преку годишната академија за проширување, на која присуствуваат претставници на сите земји од регионот, нудиме билатерален трансфер на знаење за процесот на проширување.

Значи, Северна Македонија ако поднесе барање за некакви консултации, наши експерти ќе бидат подготвени да го споделат тоа знаење. Треба да се напомене дека додека го снимаме ова интервју, вашиот министер за европски прашања, Орхан Муртезани, е на пат кон Варшава, каде в петок ќе се сретне со нашиот министер за ЕУ, Шлапка. Тој ќе има и низа средби со полски владини претставници, вклучувајќи и парламентарци кои се дел од групата на полско-балканското пријателство. Вчера добив уште една покана за министерот Муртезани да присуствува на состанок на Советот во Варшава кон крајот на февруари, нагласува Бримора.