Полска: Дуда и Тржасковски одат во вториот круг на претседателските избори. Излезноста многу голема – дури 63 отсто


Анджеј Дуда и Рафал Тржасковски одат во вториот круг на претседателските избори во Полска, покажуваат излезните анкети на агенцијата „Ипсос“, направена за три телевизии. Според овие анкети, кандидатот на владејачката партија Право и правда, сегашниот претседател Дуда освоил 41,8 отсто од гласовите, а либералниот политичар и градоначалник на Варшава, Тржасковски, 30,4 проценти. Тржасковски е претставник на главната опозицикса партија Граѓанска платформа.

И покрај стравот од корона вирусот, излезноста на изборите беше многу голема, дури 62,9 отсто, велат излезните анкети.

Другите кандидати се далеку зад нив – десничарот Кшиштоф Босак има 7,4 отсто, левичарот Роберт Биедрон, 2,9 а Владислав Косиниак-Камиш од селанската партија 2,6 отсто. Останатите шест кандидати се под еден отсто.

Овие резултати покажуваат дека Дуда ги освоил токму оние гласови кои ги има според анкетите Право и правда, а Тржасковски, добил пет отсто отсто повеќе од Граѓанската платформа.

Вториот круг на изборите ќе се одржи на 12 јули и анкетите што беа правени во изминатиов период покажуваат целосно неизвесна трка, но сепак со минимална предност за Дуда.