Полска бара од „СпејсИкс“ повторно да ја вклучи во европскиот роаминг на „Старлинк“
Полскиот вицепремиер и министер за дигитализација, Кшиштоф Гавковски, денеска побара од компанијата „СпејсИкс“ итно да ја врати Полска во европскиот роаминг на сателитската мрежа „Старлинк“, откако полските корисници останаа единствените исклучени од оваа услуга во Европа, со што од 17 август за нив стапуваат во сила значително поскапи пакети и дополнителни административни проверки.
„Одбивам глобална технолошка компанија да ги третира Полјаците полошо од останатите Европејци. Доколку (Илон) Маск сака да работи во Полска, да има корист од полскиот пазар и да заработува од полските корисници, тогаш мора да се однесува кон нив праведно и рамноправно“, порача Гавковски на платформата Икс.
Полскиот министер за дигитализација истакна дека побарал „СпејсИкс“ веднаш да им ги врати на полските граѓани истите услови што ги уживаат останатите европски корисници. Тој додаде дека, доколку компанијата тврди дека причина за ваквата одлука се локалните прописи, тогаш треба прецизно да наведе за кои конкретни прописи станува збор.
Во најновото ажурирање на условите за користење на услугата „Старлинк“, во европскиот роаминг се опфатени 30 држави, а единствено Полска е исклучена од овој режим. Основниот пакет од 42 евра, кој претходно овозможуваше користење интернет низ цела Европа, отсега ќе важи исклучиво на територијата на Полска.
Единствениот начин полските корисници да имаат интернет во странство — на пример за време на годишен одмор — е да го активираат најскапиот пакет за неограничен глобален роаминг, кој чини 107 евра месечно. Дополнително, дури и со овој пакет, по 30 дена престој во странство уредот се блокира и мора повторно да се приклучи на мрежата од територијата на Полска.
„Полска не е пазар од втор ред, ниту полските корисници се клиенти од втор ред“, изјави Гавковски, нагласувајќи дека полската влада има задолжителна обврска да реагира на сите потези со кои се нарушува пазарниот етос и се ставаат граѓаните во нерамноправна положба.
Според анализите на експертите, компанијата на Илон Маск ја исклучи Полска од европскиот регионален роаминг со цел да го спречи неконтролираното користење на терминалите за „Старлинк“ кои се купени и регистрирани во Полска, а потоа полските граѓани им ги предаваат на користење на Украинците. Со тоа Украинците ја користеа мрежата преку поевтините европски роаминг-тарифи, додека „СпејсИкс“ се обидува да ги принуди да плаќаат поскап глобален роаминг.
Владата во Варшава досега има купено десетици илјади терминали што ѝ ги донираше на Украина, а уште неколку илјади уреди за украинските потреби беа купени со приватни донации од полски граѓани.
Користењето на оваа сателитска мрежа за време на војната во Украина и претходно беше повод за жестоки вербални пресметки меѓу Илон Маск и полскиот министер за надворешни работи, Радослав Шикорски.
„Еј, голем човеку, зошто не ги спречиш Русите да користат ‘Старлинк’ кога ги гаѓаат украинските градови? Заработувањето од воени злосторства може да ти го уништи брендот“, му порача Шикорски на Маск во јануари на платформата Икс.
На ова Маск одговори, исто така на Икс: „Тој бледолик идиот дури и не знае дека ‘Старлинк’ е основата на воените комуникации во Украина“.
Подоцна, кога Маск се закани дека би можел целосно да го исклучи интернетот за украинската армија, Шикорски го потсети дека тој не ја обезбедува оваа услуга бесплатно, туку остварува профит од неа, при што Полска годишно му плаќа 50 милиони долари за интернетот што го користат украинските сили.