Положено цвеќе по повод 16 годишнината од трагичната смрт на претседателот Трајковски


По повод одбележувањето на 16-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и членовите на делегацијата во авионската несреќа крај Мостар, Босна и Херцеговина, делегации од Кабинетот на Претседателот на Македонија денеска положија цвеќе на гробот на претседателот Трајковски на гробиштата „Бутел“ во Скопје, на вечните почивалишта на Димка Илкова – Бошковиќ, Ристе Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје, како и на вечното почивалиште на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес. Делегации на Кабинетот денеска положија цвеќе и на спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимље, во близина на Мостар, како и на споменикот „Македонија“ во градскиот парк во Струмица.

Министерот за дијаспора Едмонд Адеми ја предводи владината делегација на одбележувањето на годишнината од смртта на Трајковски, кај Ротимље, каде што се случи авионската несреќа. Во делегацијата се и министерот за странски инвестиции, Елвин Хасан и заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

Министрите за информатичко општество Дамјан Манчевски, за образование Арбер Адеми и за земјоделство Трајан Димковски, во име на Владата, положија цвеќе на гробот на Трајковски, на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

На споменикот на Трајковски во Струмица цвеќе положи владина делегација, предводена од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Борис Трајковски беше вториот претседател на независна Македонија, кој загина на 26 февруари 2004 година, во авионска несреќа кај Мостар, патувајќи на меѓународна конференција за инвестиции што се одржуваше во БиХ. Во несреќата животите ги загубија уште осум лица.