Половина од хотелите во Црна Гора затворени поради пандемијата


Речиси половина од хотелите во Црна Гора не работат и прашање е дали воопшто ќе се отворат оваа година, неофицијално дознава „Побједа. Гостите од повеќето земји од регионот, но и од Европската унија, не можат да дојдат во, до неодамна, „дестинација без корона“ и многу летови се откажани, пренесува Банкар.ме.

Ако се погледнат територијално хотелите во Црна Гора на почетокот на јули, податоците со кои што располага Стопанската комора покажуваат дека не е отворен ниту еден хотел во Жабљак, а исто така и во Колашин. На крајбрежјето, ситуацијата се разликува од град до град.

Промет

– Во Будва беа отворени 50 хотели, во Тиват сè уште не се отворени сите хотели и не се очекува значителен промет затоа што нивните традиционални гости се од земји кои се на црвената листа. Во Бар се отворени 23 хотели, додека во Херцег Нови беа отворени 13 хотели од вкупно 41 регистрирани објекти. Голем број издавачи на приватно сместување сè уште не почнале со работа, соопшти Стопанската комора, истакнувајќи дека ситуацијата се менува од момент во момент, што зависи од отворањето или затворањето на границите.

Хотелиерите за време на празниците имаа поголем број гости, но тие се претежно од Црна Гора, особено од Подгорица.

Како што велат хотелиерите, во јули се очекуваа туристи од сите дестинации, но според информациите од агенциите и хотелите, повеќето од претходните резервации се откажани. Резервациите обично се прават неколку дена пред пристигнувањето и затоа е тешко да се процени пополнетоста во наредниот период. Нема ниту долгорочни процени.

Сите три хотели на компанијата „Карина“ ќе продолжат да бидат затворени за посетителите, во Бијела „Парк“ и „Делфин“ и хотелот „Кумбор“, како и „Иберостар Херцег Нови“ во Њивице. Ова требаше да биде прва година во која хотелите на „Карина“ ќе работат како дел од шпанскиот тур-оператор „Иберостар“, еден од најголемите хотелски синџири во светот. Според потпишаниот десетгодишен договор, сезоната требаше да трае 214 дена.

Но, пандемијата драстично ги промени нивните планови. Сопственикот на „Карина“, Чедо Поповиќ, чека да види дали ќе има какви било промени по 1 август. Како што изјави за Побједа, сè уште нема најави, но чекаат да се отворат границите.

Мора да издржиме, нема предавање – рече Поповиќ. Доколку има барем 20 отсто пополнетост би отвориле, но нема. Домашните гости не се доволни. Сето тоа зависи од отворањето на границите и дали странците ќе сакаат да патуваат, затоа што залудно се отворени доколку не сакаат да патуваат – вели Поповиќ. Вработените, речиси 120 лица, до сега се задржани со помош на владата. Тие редовно ги извршуваат сите други обврски.

Оперативниот директор на хотелот „Унипром“, Саша Суковиќ, изјави за „Побједа дека не е само во прашање оваа година, туку и следната. Унипром ги вклучува хотелите „Тара“ во Бечиќи, „Будва“ во Будва и „Зија“ во Подгорица.

Додека хотелите „Зија“ и „Будва“ работат со намалени капацитети, хотелот „Тара“ сè уште не е отворен и прашање е дали ќе се стори тоа.

– Ситуацијата во туризмот се промени. И следната година ќе се потпираме главно на индивидуални гости, не можеме да сметаме на агенциите затоа што агенциите се во неволја и којзнае колку од нив ќе преживеат до следната година. Големите агенции се изложени на ризик, како што се „Томас Кук“, „Туи“, „Некерман“ и други. Без државна интервенција ќе се најдеме во голема неволја – вели Суковиќ.

Според него, големите системи, големите хотели тешко да работат со 40 проценти зафатеност.

– Тоа е чист минус. Но, доколку се отворат некои пазари, ако почне рускиот или српскиот пазар, полесно би било да се издржи сето ова. Сето тоа зависи од ситуацијата, од пандемијата. За нас, туризмот е извозна категорија. Сега, кога се летува на сопственото море, кога капацитетите се полнат со домашни гости, туризмот не е извозна категорија затоа што немаме прилив на пари од странство – вели Шуковиќ, додавајќи дека туризмот е најголемата индустрија и ако не работи, тогаш малку дејности ќе работат во Црна Гора, од продажба на храна, градежништво и друго.

– Би сакал да имам оптимистички прогнози, но иако сум позитивен по природа ова се „ломови“. Системскиот туризам не закрепнува веднаш по завршување на кризата. Треба да се активираат чартер летовите, агенциите и сè друго – вели Суковиќ.

Тој додава дека хотелот „Тара“ сè уште не е отворен и дека хотелот „Будва“ работи со околу 25 проценти пополнетост.

– Хотелот „Тара“ во Бечичи е постара зграда и енергетски не поддржува делумно отворање затоа што целиот хотел е во системот. Тоа е хотел кој има 300 соби и не поддржува отворање за околу 20 отсто пополнетост. Малите хотели страдаат помалку од големите – вели Шуковиќ, нагласувајќи го проблемот со вработените што се обидуваат да ги задржат.

– Имаме околу 20 постојани работници и за сега успеваме да ги задржиме, но прашање е колку ќе можеме да направиме – вели тој.

Прашањето за отворање на границите, заедно со поволната епидемиолошка состојба, е од најголемо значење за туристичкиот сектор и текот на летната сезона.

Министерството за одржлив развој и туризам и Националната организација за туризам спроведуваат активности за промовирање на Црна Гора. Кампањите „Во друштво на природата“ наменети за странски туристи и „Летувај дома“ наменети за домашни туристи, имаат за цел да создадат најдобри можни услови сезоната да се одвива во овие крајно неизвесни услови.

Кампањата на локално ниво „Летувај дома“ придонесува за значителен број гости и сите издавачи на сместување подготвија исклучително поволни пакет аранжмани. Исто така, како резултат на иницијативата испратена од Националната туристичка организација на Црна Гора во соработка со локалните туристички организации до хотелите во Црна Гора, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Здружението на пензионерите на Црна Гора потпишаа договори за деловна соработка со 20 црногорски хотели и една туристичка агенција со кои што се обезбедуваат поволни услови за црногорските пензионери.

Помош

Хипотекарна банка, со поддршка на хотелската индустрија, дизајнираше нов производ наречен ХБ туристички кредит, кој ќе им овозможи на граѓаните да платат за одмор во црногорските хотели на десет рати без камати и трошоци.

Бизнисмените сметаат дека со спроведувањето на првите два пакети мерки на Владата, во најголема мера се контролира состојбата со цел да им се помогне на компаниите и економијата да ја надминат кризата.

Исто така, Владата донесе одлука да продолжи со исплатата на субвенциите на дел од јунската плата на вработените во стопанските субјекти кои работат во секторот туризам и угостителство од 1 јули годинава.

Одборот за туризам и угостителство, во координација со стопанствениците, предложи серија мерки за туризмот во насока на зачувување на работните места и ликвидноста на работодавците, водејќи сметка за општата состојба во земјата. Третиот пакет мерки што неодамна беше усвоен има развоен карактер, со значајна улога на Фондот за инвестиции и развој и деловните банки. Овој пакет ќе вклучува репрограмирање на постојните кредити, нови линии за ликвидност, обртни средства и развојни проекти со поволни услови за отплата.

Закрепнувањето се очекува од пролетта 2021 година

Според проценките на UNWTO (Светската организација за туризам на Обединетите нации), почетната фаза на закрепнување на туризмот почна во јули, при што најзначаен дел од туристичкиот промет се домашните туристи и регионалната туристичка побарувачка. Сепак, се очекува позначително закрепнување од пролетта 2021 година. Сосема е сигурно дека оваа година туристите ќе се одлучат за поблиски дестинации и дестинации кои со спроведување на здравствени и санитарни мерки успешно реагираат на епидемијата на вирусот корона. Туристите во овој момент сакаат пофлексибилна политика за откажување заради самото чувство на сигурност или можноста за добивање ваучери за откажаните резервации што ќе важат до крајот на 2021 година. Се размислува за поконкурентни цени, промоција и дополнителни попусти за подолг престој. Соодветната понуда и интензивната промоција е она што ќе има најголемо влијание врз враќањето на туристите, пишува „Побједа“.