„Политико“: Урнебесни телефонски искуства на британските премиери со Трамп


Бриселскиот портал Политико објави искуства на британските премиери и функционери од телефонските разговори со американскиот претседател Доналд Трамп.

– Повиците беа извонредни … брилијантни. Сите плачеа од смеење бидејќи разговорите беа урнебесни, се сеќава еден поранешен функционер на Даунинг стрит, кој инсистираше на анонимност.

Актуелниот британски премиер Кир Стармер, наводно, сè уште чека на ред за својот прв повик со американскиот претседател, иако често сака да истакне дека договорил двочасовна вечера со Трамп во септември и два разговори пред инаугурацијата.

Политико наведува дека Тереза Меј и Борис Џонсон, кои беа премиери за време на првиот мандат на Трамп, додека разговарале со американскиот претседател, нивниот персонал и специјалните советници се собирале за да го слушаат разговорот.

За време на разговорите Трамп ја „растурал“ Меј, наведе неименуван британски претставник, додавајќи дека „таа немала идеја како да се справи со некој како Трамп“.Според него Трамп ги искористил телефонските повици за да го изрази своето мислење за другите светски лидери, дури и ја омаловажувал Меј. Наспроти тоа Џонсон, од друга страна, „достојно му ласкаше на Трамп“ иако не го сакаше.

– Претпоставувам дека мислеше дека е вулгарен и малку идиот. Но, сигурно работеше неверојатно добро. Но, дури и ласкањата на Џонсон секогаш не успеваа. Така тој не успеа да го убеди Трамп да дозволи кинеската компанија Хуавеј да помогне во изградбата на британската телефонска мрежа 5Г, наведе неименуваниот британски претставник.

Политико наведува дека Трамп за време на телефонските повици со британските претставници разговарал и за неговите миленици, голфот, турбините на ветер и друго. Тој често прашувал за здравјето на тогашната кралица Елизабета Втора.