„Политико“: Контроверзната идеја на Вархеи го вознемири Брисел
Со промовирање на варијантата, Вархеи ја оживеа дебатата за процесот на проширување на ЕУ. Но унгарскиот комесар не се откажува од идејата, па дури испратил и нон-пејпер до министрите за надворешни работи пред нивниот состанок в понеделник
Доброупатениот бриселски „Политико“ вечерва објавува дека идејата за раздвојување на Македонија и Албанија на нивниот пат кон ЕУ предизвикала вознемиреност кај официјалните лица и дипломатите и дека нема расположение за она што го турка комесарот за проширување Оливер Вархеи. Магазинот соопштува дека Вархеи дури испратил и нон-пејпер до министрите за за надворешни работи пред нивниот состанок в понеделник да размислуваат и за таа опција, но таа не била поддржана од никого на последниот состанок на амбасадорите на ЕУ.
Еве го целиот текст на „Политико“.
„Европската комисија ја покрена можноста за почеток на преговори за членство во ЕУ со Албанија, притоа оставајќи ја Северна Македонија во мирување поради спорот со Бугарија.
Таквиот потег, коментиран од комесарот за проширување, Оливер Вархеи, ќе биде многу контроверзен, бидејќи официјалните претставници на ЕУ сметаат дека Северна Македонија има постигнато поголем напредок кон стандардите на ЕУ отколку Албанија.
На пристапот се спротивставуваат други претставници на ЕУ и многу земји-членки, вклучително и клучни играчи како Германија. За време на неодамнешниот состанок на амбасадорите на ЕУ на кој се разговараше за Балканот, ниту еден од 10-те претставници што зборуваа на дебатата не ја спомнал идејата, вели еден дипломат.
Сепак, со промовирање на варијантата, Вархеи ја оживеа дебатата за процесот на проширување на ЕУ, за кој се смета дека заглавил во Западен Балкан. Тоа поттикна страв кај официјалните лица и дипломатите дека нивото на ЕУ во нејзиното соседство се намалува и Русија и Кина ќе ја пополнат празнината.
Документ за дискусија од дипломатската служба на ЕУ, кој циркулира пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник, на кој ќе се разговара за Западен Балкан, предупредува дека ‘луѓето во регионот доживуваат чувство на длабоко разочарување во процесот на проширување’ и ‘перцепција на застојот на испораката на вакцините за КОВИД-19 од ЕУ дополнително го зголеми наративот на разочарување’.
Таканаречениот нон-пејпер, виден од ‘Политико’, вели дека ‘силното присуство на ЕУ е најдобриот начин да се спречи Западниот Балкан да се оддалечи’.
Но, состојбата на блокот во регионот тешко дека ќе биде подобрена од високи претставници кои отворено не се согласуваат за тоа како да најдат решение со Северна Македонија и Албанија.
Владите на ЕУ дадоа зелено светло за разговори на двете земји пред повеќе од една година, но ѝ рекоа на Албанија дека мора да преземе подемократски реформи пред да започнат преговорите.
Од минатиот ноември Бугарија го блокираше почетокот на преговорите со Северна Македонија како дел од спорот што ги опфаќа јазикот и историјата.
Вархеи, комесар на Унгарија во Брисел, ја објави идејата за ‘раздвојување’ на двете апликации за членство претходно оваа недела во коментарите за Еуроњуз. Тоа поттикна брз притисок на другите официјални претставници на ЕУ, кои инсистираа на тоа дека е немудро и неиздржано и дека нема план да се турка таа идеја.
За да стане реалност, за раздвојување ќе биде потребна поддршка од сите земји-членки на ЕУ – нешто што во моментов очигледно го нема. Во петокот, германскиот министер за Европа, Михаел Рот, јасно стави до знаење дека Берлин не го дели ставот на Вархеи, велејќи дека и Северна Македонија и Албанија треба да започнат разговори во јуни.
‘Двете земји ги испорачаа потребните реформи – сега мора да испорача и # ЕУ. Понатамошното одложување ја поткопува кредибилитетот на ЕУ + стабилноста во регионот’, напиша тој на Твитер, заедно со видео клипот на Вархеи кој го изнесе својот став.
Словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок изјави дека ‘веродостојната политика на проширување на ЕУ’ треба да биде напуштање на ‘ветото во Советот’ – јасна референца за бугарската блокада.
Владата на Северна Македонија исто така истакна дека не е импресионирана од потегот на комесарот. ‘Мојата земја ги исполни сите услови што беа поставени, во согласност со европските вредности, како што постојано потврдуваше и самата Комисија’, рече вицепремиерот Никола Димитров.
‘Случајот со Северна Македонија е тест за кредибилитет за ЕУ во Западен Балкан’, додаде тој. ‘Дали ЕУ ќе ги исполни своите ветувања?’
Вархеи, сепак, се чини дека останува на својот став. На брифинг со новинарите во петокот, портпаролката на комесарот, Ана Писонеро, го повтори својот став дека одвојувањето може да биде опција.
‘Вистина е дека тој посочи оти, се разбира, доколку не постои договор во случајот на Северна Македонија, ова можеби е нешто што можеби ќе треба да се разгледа’, рече таа, истакнувајќи дека одлуката е ‘целосно во рацете на земјите-членки во Советот на ЕУ’.
Но, иако во моментов постои широко спротивставување меѓу членките на ЕУ за раздвојување, некои дипломати предвидоа дека ЕУ можеби ќе мора да го преиспита тоа доколку не може да се најде договор со кој се укинува бугарската блокада. ‘Она што е јасно е дека раздвојувањето не е опција сега, остатокот треба да се види’, рече еден дипломат“.