„Политико“: Членството на Западен Балкан во ЕУ ќе остане лажна надеж


Европските лидери пред почетокот на нивната вечера

На групата земји кои не сакаат да се отворат вратите на ЕУ за државите од од регионот – Франција, Холандија и Данска – им се придружила и Белгија

 

Малку работите се промениле од претходно договорената декларација за иднината на Западен Балкан на работната вечера која сношти ја имаа лидерите на ЕУ во Брдо, Словенија, која траела далеку по полноќ. Како што јавува бриселски „Политико“ од средновековниот дворец во Брдо, словенечкиот премиер Јанез Јанша за време на вечерата го повторил својот повик сите земји на Западен Балкан да бидат примени во ЕУ до 2030 година, но за тоа имало само кратка дискусија. Едвај неколкумина лидери се вклучиле во дебатата, меѓу кои и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тоа, како што наведува „Политико“ е јасен сигнал како ќе изгледа денешниот самит – дека очекувања на шесте земји од регионов, меѓу нив и Македонија треба да бидат мали.

Дипломатите на 27-те земји поминаа низ своевидна агонија како да подготват декларација во која ќе станува збор за иднината на Западен Балкан поради тоа што неколку земји не сакале да се спомне ни „п“ од проширување. Сепак, на крајот, проширувањето влезе во нацрт-декларација во која стои предупредувањето дека Унијата мора „да обезбеди сопствен развој и капацитет за интегрирање на членовите“.

Според извештајот од Брдо, на трите земји коишто не сакаат да ги отворат вратите на ЕУ за нови членки – Франција, Холандија и Данска – им се придружила и Белгија. И покрај големите амбиции на Словенија ова сепак нема да биде самит за проширување и, како што наведува „Политико“, само потсетување за многумина жители на балканските држави дека членството во ЕУ е само лажна надеж.

Инаку, на долгата вечера главно се разговарало за утврдување на „стратешкиот компас“ на Унијата во однос на главните настани во светот, а Ангела Меркел посебно зборувала за можниот нов бран на мигранти на границите на ЕУ. Интересно, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, побарал од лидерите да ги остават своите мобилни телефони надвор од салата за дискусијата да биде со голем степен на доверливост.