Политиката во Карпош ќе ја остави нефункционална општината


Едните предупредуваат дека општината ќе нема кој да ја чисти, ќе нема кој снегот да го отстрани, да се одржувауличното осветлување, водоводот, атмосферската и фекалната канализација, а другите пак велат дека за да се донесат ДУП-овите и да се погоди на урбаната мафија, се плетат политички застрашувачки приказни. 

Дали Општина Карпош може да функционира и без донесен Буџет, што законски треба да се направи до 31 декември. Тоа, не се направи во оваа скопска општина, па сега топката си ја префрлаат сите советници во општинскиот Совет.

Дека нема да земат плата вработените во општината, градинките, училиштата и другите кои се под надлежност на локалната администрација, предупредуваат советниците на СДСМ. Денеска дури и протестираа, а излегоа и со прес-конференција.

„Притоа, членовите на Советот кои не доведоа до оваа ситуација: го одземаа правото на граѓаните, дефинирано во Уставот на РМ како неприкосновено право на локална самоуправа; го доведоа во прашање функционирањето на Општина Карпош; исто така, тие со нивното незаконско работење ги доведоа во прашање платите на вработените во општината, градинките и училиштата; ги доведоа во прашање и Договорите на привремено вработените во општината,
училиштата и градинките. Тие го загрозија и правото на децата на предучилишно згрижување и воспитување, како и правото на децата жители на општината на основно образование. Со нивното несовесно и противзаконско работење, тие го доведоа во прашање фукционирањето на
Општина Карпош во секоја смисла на зборот“, велат советниците што протестираа.

Според нив, тоа значи дека општината од 1 јануари 2024 година нема основ ниту пак
средства да ги плати редовните режиски трошоци (телефон, струја, вода, греење) во
општинските објекти, како и во училиштата и градинките. На тој начин на општинската
администрација ќе и биде оневозможено правото на работа и извршување на работните
обврски, бидејќи ќе бидеме лишени од основните услови за работа.

„На крајот, јавно се обраќаме до Обвинителството да преземе мерки против незаконското
и злонамерно работење на претседателот на Советот и повеќекратните штети
предизвикани со неговиот неодговорен однос“, повикаа советниците.

Од друга страна пак, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Општина Карпош бара итна седница, велат „За пусти пари слугата на СДС Стевчо Јакимовски е подготвен на се“.

„За пусти пари слугата на СДС Стевчо Јакимовски е подготвен на се, велат од Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Општина Карпош… Манипулациите и заканите дека вработените ќе останат без плати се последниот обид на Јакимовски да изврши притисок врз советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Карпош да го изгласаат буџетот за 2024, а со тоа да ги спаси и остави во живот ДУП-овите и урбаната мафија која го разорува Карпош“, порачаа оттаму преку соопштение.

Велат дека бараат итно свикување на Седница за донесување одлука за времено финансирање на општината, сѐ до донесувањето на буџетот за 2024та година, што е и законска можност во ситуација кога Буџетот на општината не се носи во законски предвидениот рок. 

Попладнево се огласи и градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски, кој  предупреди  дека поради блокирањето на Буџетот од страна на дел од советниците, доведено е во сериозна опасност работењето на општината и давањето на услугите на граѓаните во Карпош.

„За жал, можеме да видиме како неодговорни луѓе си играат со држава. Имаме законодавна, судска, извршна и локална власт. Ова е класично загрозување на една власт, а тоа е локалната власт, во конкретниот случај Општина Карпош“, вели Јакимовски.

Предупредува дека „имаме сериозен проблем“.

– Не можат да се донесат правни акти кои ќе важат ретроактивно. Од друга страна, тврдењата „да не се грижат вработените, тие ќе земаат плата ако прејдеме на времено финансирање“, тоа значи дека минатата година ова време сме имале 40 проценти помала плата од тоа што сега ја земаме. Тоа значи дека овие луѓе ќе треба да земат 40 % помала плата, а тоа значи дека треба да донесеме нова одлука за помал бод. Штом ќе биде тој бод помал, ако ја исплаќаме така платата два месеца, нема теоретска шанса во март, април или било кој друг месец да имаме повисок бод од тој што го утврдила државата. Тоа значи дека овие луѓе трајно ќе останат без тие пари, односно ќе мора да го надоместуваат по судски пат – предупреди Јакимовски.