Политички земјотрес во Германија – ЦДУ на Меркел ги здружи гласовите со крајните десничари


Германија ја зафати голем политички земјотрес откако екстремно-десничарската Алтернатива за Германија (АфД) им се придружи на христијанските демократи на Ангела Меркел во изборот на кандидатот на либералните Слободни демократи, Томас Кемерих, за премиер на покраината Турингија. Тој го победи во третото гласање со само еден глас разлика актуелниот покраински премиер Бодо Рамелов, чија партија Левица го освои првото место на локалните избори во октомври.

Резултатот предизвика силен трепет во законодавната комора во главниот град Ерфурт, кој потоа одекна низ целиот германски политички пејзаж.

Настанот е без преседан – за прв пат по Втората светска војна беше избран покраински премиер со помош на екстремната десница. Што е поважно, тоа се случни во источногерманската покраина каде што лидер на АфД е Бјорн Хоке, кој е најрадикален во екстремната партија. Германски суд ја потврди неговата репутација минатата година, одлучувајќи дека критичарите на Хоке може да го карактеризираат како „фашист“.

Во обид да се испере од настаните ЦДУ на Ангела Меркел повика на нови избори во Турингија. На изборите во октомври Бодо Рамелов од Левица излезе со најсилен мандат, но без апсолутно мнозинство, дури и во коалиција со централно-левичарските социјалдемократи и Зелените. Се очекуваше Рамелов да биде реизбран да формира малцинска влада во третиот круг на гласањето во средата.

Наместо тоа, гласањето предизвика шокантен резултат кој веројатно ќе се одрази надвор од границите на малата држава со население од само 2,1 милиони, што порано беше дел од социјалистичката Германска Демократска Република.

Томас Кемерих од либералите (ФДП), кои во октомври освоија само пет места и го преминаа изборниот праг со едвај 73 гласа повеќе, го победи Рамелов со 45 гласови наспроти 44 и веднаш го прифати мандатот. Кемерих (54) е само втор државен премиер во германската историја за либералите кои беа помал коалициски партнер на ЦДУ во вториот мандат на Меркел како канцеларка. Пред четиринаесет месеци, ФДП излезе од разговорите на федералната коалиција со ЦДУ и Зелените, наведувајќи ги црвените линии и принципите.

Начинот на кој се одвиваа настаните во Турингија ја илустрира не само дислокацијата создадена од подемот на екстремната десница во германската политика, туку и навидум немоќта на политичкиот естаблишмент да стори нешто околу тоа.

Ова е особено вистинито на исток, каде АфД се етаблира како голема политичка сила. Во Турингија партијата освои околу една четвртина од гласовите во октомври, по големиот успех во септември во Саксонија, каде што доби 28 проценти, и во Бранденбург, каде заврши со 24 проценти. Изборот на Кемерих доведе до спонтани демонстрации пред партиските седишта на ФДП низ Германија.

Се разбира, не беше поштедена од критиките ниту ЦДУ на Меркел. Анегрет Крамп-Каренбауер, лидер на партијата на федерално ниво, упати остри зборови за регионални претставници во Тирингија, велејќи дека членовите на партијата на локално ниво постапиле „изрично против препораките и барањата на федералната партија“. Заедно, АфД, ЦДУ и ФДП имаат мнозинство од државниот парламент во Турингија.

Огранокот на Левица во Турингија се смета за еден од најпрагматичните во партијата. Зузане Хениг-Велсоу, лидер на Левица во покраината, фрли букет цвеќиња пред нозете на Кемерих и одби да се ракува со победникот. Таа за германските медиуми изјави дека настаните во средата биле „долго подготвувани“.

„До каде сме стигнале – ФДП дозволи Кемерих да стане премиер со гласовите од фашистичките Хоке и АфД“, рече копретседавачот на Дин Линк, Бернд Риксингер. „Прекинувањето на ова табу ќе има далекусежни последици“.

„Ова е скандал од највисок вид“, твитна  ко-лидерот на СПД, Норберт Волтер-Борјанс.

Лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, во средата попладне ги отфрли обвинувањата дека гласањето било претходно договорено со екстремната десница, велејќи дека бил изненаден од исходот и дека гласањето на АфД за неговиот кандидат било „чисто тактичко“.

Линднер инсистираше на тоа дека Кемерих е „кандидат на центарот“ и апелираше до СПД и Зелените да започнат разговори со новиот државен премиер. Доколку се исклучи таквата соработка, рече тој, ќе бидат потребни нови избори во државата.

Низ цела Германија има френетични повици за нови покраински избори кои можат да бидат активирани само со двотретинско мнозинство.

Лидерот на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер беше принудена да зборува за настанот за време на посетата на Стразбур, каде што се состана со француски и германски парламентарци.

„Нема да има соработка ниту со екстремната десница, ниту со екстремната левица“, рече таа, додавајќи дека „треба да се разгледа дали новите избори не се најчисто решение“.

И покрај нејзините цврсти зборови, епизодата уште еднаш ја остави Крамп-Карнбауер, која се надева дека ќе ја наследи Меркел како канцелар, да изгледа слаба и да не ја контролира сопствената партија. (Н.В.)