Политички смешки со слободата на медиумите: Филипче е виновен, тврди ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

 

Очекувано, партиите веднаш го искористија падот на Македонија на Индексот на слободата на медиумите на „Репортери без граници“ втора година по ред, а сега за три места.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на Икс напиша:

„Со Мицкоски Македонија падна за 3 места во Индексот за слобода на медиуми на ‘Репортери без граници’. Сега сме во групата земји со ‘проблематична состојба’. Ова е уште еден доказ како Орбановата медиумска мрежа во служба на Мицкоски ‘исполнува’ една од клучните реформски точки за ЕУ – слобода на медиуми. Цела мрежата, особено Алфа ТВ, сигурно е многу горда на овие резултати. Браво!“

Од ВМРО-ДПМНЕ му одговорија дека Филипче, без оглед што е претседател на СДСМ и лидер на опозицијата немал право да зборува за слободата на медиумите и извештајот на „Репортери без граници“. 

„Филипче се најде за кредибилен и легитимен да говори за слободата на медиумите, кога нема медиум, портал и новинар со кого не се скара. Односот на Филипче и СДС, по насока на ПР шефот на куќниот пријател на Заев, Зоран Башановиќ, кон медиумите е крајно арогантен, срамен и во одредени случаеви и безобразен.

Филипче треба да си стави прст на чело и да размисли што прави со новинарите и медиумите и дали тој негов однос е правилен. Доколку смета дека така треба, следната година уште надолу ќе одиме“, велат од владејачката партија.