Политички препукувања – со чии проекти се „кити“ новиот градоначалник на Битола


Битолскиот градоначалник Коњановски во Трново

Докажувањето чии се проектите на новата локална власт во Битола се прелеа и во Советот на општината

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – По смената на власта во Битола започнаа политички препукувања чии се проектите што се реализираат, дали на старата или новата локална власт. Со чии проекти „бери“ поени новиот градоначалник на Битола Тони Коњановски.
Реконструкцијата на патот кон Пелистер, кој минува низ селото Трново беше првата пречка на сопнување. Овој проект го започна екс градоначалничката Наташа Петровска, па најверојатно се најде засегната откако Општината објави дека „Локалното население изрази благодарност кон градоначалникот Коњановски, затоа што само неколку дена после неговата посета на градежните активности и даденото ветување за интензивирање на динамиката, проектот влегува во завршна фаза“. По ова на социјалните мрежи се надоврзаа и приврзаниците на новата локална самоуправа искажувајќи пофални зборови на сметка на власта.
Екс градоначалничката Петровска за да им стане појасно на битолчани-кој прв почна, сподели фотографии и порача: „Од вистината нема бегање. Приврзаниците на г-динот Коњановски, не му прават услуга со нескромни лажни величења. Со 10 дена мандат не е ова сработено од оваа локална самоуправа. Сепак да искажам благодарност за увидот на завршните активности. Аирлија да ни е патот кон Пелистер“, напиша бившата градоначалничка на Битола.
И денеска, веќе трет ден патот кон селото Трново е повремено затворен, а Општина Битола извести дека се изведува асфалтирање.
На неколку дена пред вториот круг на локалните избори, пред заминувањето на Петровска беше објавено дека во тек е реконструкција на патот кон село Трново, а дел од патот е веќе асфалтиран. Патот се реконструира на потегот од раскрсницата за Ниже Поле, до откупната станица за млеко во селото Трново, односно до делницата до каде што е изработен колекторскиот систем за собирање на отпадните води од домаќинствата и туристичките објекти во селото. Должината на оваа делница е 2009 метри, а вредноста е 12.545.000 денари.
Препукувањето со чии проекти се „кити“ новата локална власт во Битола се прелеа и во Советот на општина Битола.
На седницата на која се носеше развојната програма за Битола од 2022 до 2024 година, опозицијата обвини дека сегашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја развива Битола во следните три години со проекти што ги отпочна СДСМ.

Екс градоначалничката Петровска за да им стане појасно на битолчани-кој прв почна, сподели фотографии и порача: „Од вистината нема бегање“

„Дури 22 проекти од сите 24 се отпочнати во изминатите четири години додека СДСМ беше на власт. Тоа значи дека сегашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ ништо ново не им нуди на битолчани. Од тие 22 клучни проекти се улицата ‘Илинденска’ ние ја започнавме и ја завршивме, реконструкција на улица ‘Довлеџик’, проект почнат, патот Трново-Магарево, реконструкција на ‘Солунска’ започната и течи, АРМ, ја започна Талески, но претходната власт имаше сериозни финансиски средства за да се овозможат услови за инвеститорите, Офицерскиот дом сто проценти наш проект, Стадионот, реконструкција на водоводи“, рече Методија Илиевски, советник, координатор на советничката група на СДСМ.
Од советничкото мнозинство му одговорија дека не се како нив да ги пресекуваат проектите кои некоја претходна власт ги започнала, туку ќе продолжат да работат во континуитет во интерес на граѓаните.
„Развојната програма е се̍ она што како проект е спремно, ВМРО-ДПМНЕ со позитивна мисла ќе продолжи како локална самоуправа заедно со мнозинството да го дореализира, односно да го заврши. Така треба да функционираме. Не е работата дојде некоја друга власт, па да прекини се̍, па сега ајде на ново, граѓаните да страдаат и чекаат. Различни сме од вас и не ги кочиме проектите. Добро е кога се запазува континуитетот, кога правиме надградба, а не пресеци“, рече Пеце Милевски, советник на ВМРО ДПМНЕ.
Градоначалникот Тони Коњановски, пак најави два капитални проекти за следните три години, изградба на противпожарна единица и изградбата на спортски комплекс.
„Во програмата за Развојни планови се воведува нова буџетска програма WA за Изградба на други објекти со која планирана е Изградба на објект на противпожарна единица, а средствата за реализација се во вкупна вредност од 30.750.000 денари, распределени во три години. Со реализацијата на овој проект ќе се зголеми грижата за безбедноста на граѓаните и нивните добра и ќе се изврши оптимизација на безбедноста во делот на пожарите.
Второ, покрај тоа што спортот е голем предизвик за многу професионални спортисти, за кои се потребни посебни услови за спортување, согласно високи стандарди на европско и светско ниво, спортот претставува и здрав начин на живот, но и голем поттик и предизвик за младите луѓе. Преку промоција и поддршка на различни спортови, локалната самоуправа може да даде голем придонес во изградбата на здрави генерации, она за што се залагавме цело време. Токму затоа, вториот капитален проект, кој ќе биде реализиран од страна на оваа локална самоуправа, со поддршка од Советот на општина Битола е изградбата на спортски комплекс во вредност од 184.500.000 денари“, најави Коњановски.
Сепак, Програмата за развојни планови на општина Битола, за периодот 2022 – 2024 година, беше едногласно усвоена од Советот на општина Битола.