Политички игри околу разрешувањето на Илире Даути
Самата Даути вели дека изгласувањето значи дека таа е разрешена, Гаши тврди дека одлуката на Собранието немала таков ефект
Претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, Илире Даути од „Европскиот фронт“, ќе се повлече од функцијата ако мора да го спроведе заклучокот на Собранието, односно да закаже седница за Законот за бранителите, откако парламентот со 61 глас во минатиот петок ѝ ја изгласа интерпелацијата поднесена од пратеничката група на Левица. Таа денес индиректно порача дека попрво ќе биде пратеник отколку да дејствува по диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи на втората можност како поприфатлива – да биде разрешена.
Целата забуна ја направи спикерот на Собранието Африм Гаши, прво дозволувајќи ѝ да не закаже точка за расправа што ја бараа пратениците (Законот за бранителите), а потоа тврдејќи дека интерпелацијата, и ако успее, нема да значи нејзина смена од функцијата. Сега Комисијата за избори и именувања чека известување од Гаши дека на Даути ѝ е изгласана недоверба за да предложи нов претседател, но дали ќе добие – сѐ уште не е јасно.
Од Левица велат дека со усвојувањето на заклучокот Собранието покажало дека пратеничката од „Европскиот фронт“ не е достојна да ја извршува функцијата претседател на Комисијата. Според Левица, ако Даути остане на функцијата тоа ќе создаде опасен преседан што целосно ја обезвреднува правната алатка на интерпелацијата. Според нив, ниту едно пристрасно или произволно толкување на Деловникот од страна на спикерот Африм Гаши не може да ја ослободи Даути од одговорност.
И експретседателот на Собранието Тито Петковски е дециден дека нема никаква дилема што значи изгласана интерпелација.
„Нема тука никакви дилеми, јасни се одредбите и во Уставот и во Деловникот. Не е добро претседателот на Собранието да се крие зад некои деловнички непрецизности или поинаку да го толкува Деловникот. Јасно е дека единствен што го толкува Деловникот е претседателот на Собранието, меѓутоа овде уставната одредба е толку јасна што нема апсолутно никаква причина да се забавува претседателот на Собранието со некои несуштински работи. За мене нема дилема, интерпелацијата е инструмент на политичка контрола врз работата на Владата и на носителите на јавни функции кои одговараат пред Собранието и точка“, изјави Петковски за „Слободен печат“.
Тој додава дека Собранието констатирало дека претседателката на Комисијата не е достојна да ја врши функцијата, односно дека Собранието што ја избрало на таа функција може и да ја разреши.
„Ако Собранието констатирало дека е недостоинствена, значи има политичка и морална одговорност, треба да се дистанцира, односно да се отстрани од функцијата претседателка на Комисијата и толку“, вели Петковски. Затоа, тврди тој, „Европскиот фронт“ не може повторно да ја номинира Даути.
„Ако сè се забошоти, тогаш пратениците може да побараат политичка одговорност, односно интерпелација за претседателот на Собранието. Претседателот ја организира работата на Собранието и не може да ја префрли на некој друг, па сега некој друг е одговорен, а тој некој друг е од друга партија, па не сака да се промени. Тогаш тоа е не само неодговорно вршење на функцијата, туку и злоупотреба на функцијата претседател на Собранието, зашто избегнува политичка одговорност на некој пратеник, не сака да закаже седница. Ова се крајно несериозни работи, да се крие зад процедурални нејаснотии за него, за мене нема дилема“, дециден е Петковски.
Од СДСМ тврдењето на Гаши дека нема обврска за нејзино разрешување и дека интерпелацијата нема правно дејство – е фарса.
„СДСМ нема да навлегува во фарсата којшто во македонското Собрание ја прават Левица, ЗНАМ И ДПМНЕ. Без разлика на скриените мотиви на Левица, ЗНАМ и ДПМНЕ не може интерпелација да нема никаква правна последица. Целата одговорност и околу несвикувањето седница за Законот за бранители и сега по усвоената недоверба за Даути е кај претседателот на Собранието, Африм Гаши“.
„Изгласаната интерпелација во Собранието, така како што е изгласан заклучокот, значи мое разрешување или мое дејствување под диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила досега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме“, возврати преку писмена изјава Даути.
Од Алијанса за Албанците објаснуваат дека Даути е јасна во одговорот, односно дека со интерпелацијата таа е веќе разрешена, односно дека 61 пратеник гласале за тоа. Од таму додаваат дека Даути е децидна дека нема да работи по наредба на Левица, ВМРО-ДПМНЕ и на заклучокот потпишан од Гаши.
И покрај ставот на Даути, продолжува конфузијата. Лидерот на партијата на Даути и пратеник Зијадин Села изјави дека неговата партија нема да ја прифати оставката на Даути и дека таа ќе остане претседателка на Комисијата за социјална политика.
„По изгласувањето на интерпелацијата, ако треба повторно да предложиме кандидат за таа Комисија, тоа повторно ќе биде Илире Даути. Не се откажуваме од луѓето што ги избираме. Даути е избрана со вашиот глас, гласот на Албанците и Алијансата за Албанците“, изјави Села.
Она што е интересно е дека и првиот вицепремиер Изет Меџити од владејачката „Вреди“ тврди дека Даути ќе остане претседателка.
„Потврдувам дека Илире Даути беше претседател на Комисија и ќе остане претседател на Комисија. Можеби имаме многу забелешки за Даути, но кога има иницијатива од Левица, ние сме против и затоа ќе ја поддржиме“, изјави Меџити.
Иако во Собранието се одржа координација меѓу пратеничките групи за тековните работи, прашањето за разрешувањето на претседателката на Комисијата за социјална политика, Илире Даути, остана нерешено. Уште повеќе, ниту еден од координаторите кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, не го покренал прашањето за следните чекори – дали Даути ќе биде разрешена, дали „Европскиот фронт“ ќе предложи нов претседател или таа ќе остане на позицијата.
Претседателот на Комисијата за избори и именувања Ѓорѓија Сајкоски, пак, изјави дека ситуацијата е јасна и дека тие остануваат на ставот дека на Даути ѝ е изгласана недоверба. Следниот чекор е, вели Сајкоски, претседателот на Собранието да ја извести Комисијата дека е изгласана интерпелација за Даути и тој да закаже седница на Комисијата за избори и именувања, на која Даути ќе биде разрешена од претседател на Комисијата за социјална политика и „Европскиот фронт“ треба да предложи друг пратеник за таа функција. Ако Гаши не испрати известување до Комисијата, Сајкоски вели дека ќе бараат други правни механизми одлуката на Собранието да се испочитува. (Н.В.)