Политички хаос во Бугарија – секој против секого
ИТН го враќа мандатот, ГЕРБ ќе го врати мандатот, но пред тоа ќе ја претстави својата влада, малите партии сакаат да состават кабинет, но не се ни блиску до мнозинство во Собранието
Дури ни најпроникливите и најинформираните политички аналитичари во Бугарија не се сигурни како ќе се одвива расплетот на ситуацијата по вторите избори. Дали земјата по откажувањето на Има таков народ (ИТН) да го стави на гласање во собранието владиниот кабинет што го предложи неповратно оди кон нови, трети избори оваа година; дали во еден неверојатен пресврт ГЕРБ може да ги здружи силите со ИТН; или раскараните протестни партии ќе најдат заеднички јазик па ќе се обидат да формираат некаков малцински (или мнозински) кабинет.
Според уставните правила по откажувањето на ИТН втората партија, во случајот ГЕРБ, треба да го добие мандатот за формирање влада. Партијата на Бојко Борисов денеска соопшти дека ќе го врати мандатот (како што направи по изборите во април), но пред тоа ќе претстави кабинет на чело со поранешниот министер за надворешни работи Даниел Митов.
„Ако дојде нашиот ред да добиеме мандат, ќе го предложиме Дани Митов до претседателот и ќе го претставиме кабинетот за луѓето да можат да споредат што се предлага. Ние веднаш ќе го вратиме мандатот – сакаме да останеме многу далеку од сѐ што се случува во бугарската политика во моментов“, рече Бојко Борисов на брифингот во седиштето на партијата, јавуваат бугарските медиуми.
Тој уште додаде: „Во последниве денови, нема бугарски политичар кој не вели ‘хаос’. Само нашиот слоган се покажа како точен. ИТН вели – ‘Време е за нешто друго’. Видовте што е тоа другото – хаос. Од БСП велат ‘Сигурност во промената, со грижа за тебе’. Многу се забавувам кога почитуваната од мене Корнелија Нинова ја бркаат сопартијците со извици ‘Оставка’ на Бузлуџа (познат споменик од времето на комунизмот – н.з.) и трча низ шумата како дивокоза“. Борисов вели дека ГЕРБ не бил виновен што другите партии не можеле да состават влада.
Во Собранието од изутрина секој го напаѓа секого. Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, ѝ се нафрли на Демократска Бугарија затоа што изјавиле дека нема да поддржат кабинет на социјалистите ако тие го добијат како трети мандатот за формирање влада. А БСП сака преку нејзниот мандат да ја предложи службената влада како редовна, иако таа е избор на претседателот Румен Радев и нема ништо со резултатите од изборите. Нинова не сака да има нови избори затоа што на двете гласања оваа година партијата драматично ја губи поддршката. Па сега ќе барала поддршка од сите партии освен од ГЕРБ и ДПС (паријата на Турците).
Маја Манолова од „Исправи се. БГ! Ние доаѓаме“ рече дека нејзината партија сака да се формира влада кога ќе биде доделен третиот мандат. Таа ја бранеше службената влада од нападите што, според неа, се случувале од ИТН, ГЕРБ и ДПС. Но во исто време, тврди Манолова, не било случајно што партијата на Слави Трифонов објави дека ќе го поддржи Румен Радев за нов мандат на изборите наесен. Изгледа компликувано – ИТН ја напаѓала службената влада, а службената влада ја одреди Румен Радев, а во исто време ИТН го поддржува Радев. (Н.В.)