Политичката блокада во Косово го загрозува пристапот до 166 милиони евра од ЕУ
Приштина – Европската Унија упати апел до сите политички партии во Косово итно да постигнат договор за избор на нов претседател и да соработуваат за надминување на долготрајната политичка криза, предупредувајќи дека блокадата на институциите сериозно го загрозува европскиот пат на земјата.
– ЕУ постојано ги повикува сите политички актери да обезбедат институционална стабилност. Од суштинско значење е институциите на Косово да бидат конституирани без понатамошно одложување, во согласност со уставната рамка и воспоставените процедури – изјави портпаролот на Европската комисија за косовската телевизија „РТВ21“, пренесе весникот „Газета експрес“.
Портпаролот на ЕК подвлече дека постигнувањето брз договор меѓу политичките партии за консензуален кандидат за претседател е од особена важност.
– Само ефикасен меѓупартиски дијалог и заедничка цел ќе му овозможат на Косово да ги следи заедничките интереси и да ги спроведе реформите што ги бараат неговите граѓани на патот кон ЕУ – додаде тој.
Од Европската комисија дополнително предупредија дека поради продолжената политичка блокада, Косово се соочува со ризик да загуби до 165,9 милиони евра финансиски средства од Инструментот за реформи и раст. Во рамките на оваа програма, Приштина треба да спроведе повеќе од 100 чекори, кои опфаќаат реформи во јавната администрација, владеењето на правото, енергетиката, дигитализацијата, развојот на приватниот сектор и образованието.
Косово се наоѓа во длабока политичка криза уште од изборите одржани во февруари 2025 година. Во изминатите 18 месеци беа спроведени три циклуси предвремени парламентарни избори, но ниту еден не доведе до решавање на политичкиот ќор-сокак.
На последните предвремени избори, одржани на 7 јуни, Движењето Самоопределување на косовскиот премиер Аљбин Курти освои 47,13 отсто од гласовите (53 од вкупно 120 пратенички места). Со овој резултат Курти повторно не успеа да обезбеди мнозинство, со што беше принуден да влезе во преговори со опозициските партии за избор на нов претседател на државата, претседател на Собранието и формирање идна влада.
Во меѓувреме, на крајот од минатата недела официјално истече уставниот рок за избор на претседател и потпретседатели на косовското Собрание. Ден претходно Курти ја блокираше процедурата со тоа што не предложи кандидат за претседател на парламентот, условувајќи ја таа одлука со неуспехот на преговорите за претседател на државата со десноцентристичкиот Демократски сојуз на Косово – единствената партија што во моментов преговара со Самоопределување.