Политичката артилерија замолкна

Билдајќи ја губитничката и предавничката позиција, и кога треба и кога не треба, многумина од очајничка потрага по деталите не ја видоа големата слика во Брисел


Политичката артилерија замолкна. Дилемата дали требаше да се прифати францускиот предлог или не –  се распрсна како сапуница, само еден ден откако во Брисел се пресекоа славеничките торти на Македонија и Албанија.

Веќе е смешно да се тврди дека ќе нема македонски јазик во ЕУ, кога нашиот премиер сѐ што кажа во Европскиот совет беше на македонски и сите нѐ нарекуваа Македонци.

Смешно е да се тврди дека Бугарија нѐ „потчинила“ и дека нашите преговори сега се под диктат на Софија, кога лично еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи порача дека и досега Европската комисија правела извештаи за Македонија како ги почитува човековите права и малцинствата, со препорака – кој не забележал, повторно да ги препрочита.

Смешно е исто така да се тврди дека Албанија почнала преговори а Македонија не, кога реално ни Тирана нема да почне да преговара додека не заврши скринингот, кој пак трае една година или повеќе. Дури и формално гледано, сите европски политичари зборуваа за „отворачка меѓувладина конференција“, а германската министерка за Европа излезе пред македонските новинари само за да каже дека втората е „врежана во камен“ и никој не може да ја спречи повеќе, вклучувајќи ја и Бугарија.

Смешно е веќе и да се драматизира толку околу условената втора конференција, кога се знае дека ќе има и трета, и четврта, и петта… и кога се знае дека таквата условена покана од НАТО, со која се потсмевавме исто така, на крајот навистина ни ја отвори вратата на Алијансата.

Трагично, пак, е што толку многу енергија беше потрошена деновиве да се докаже дека Македонија ништо не постигнала и дека Владата ставила потпис на Преговарачката рамка само затоа што била притисната од ЕУ и САД  за да се одблокира Албанија, иако реално Албанија заглави во пакетот токму за да се одблокира Македонија. Билдајќи ја губитничката и предавничката позиција, и кога треба и кога не треба, многумина од очајничка потрага по деталите не ја видоа големата слика во Брисел.

А, големата слика беше дека сите славеа со нас успех и сите беа среќни што Македонија конечно не е блокирана на патот до членство. Големата слика беше дека на масата се сечеа три торти – со македонско, со албанско и со европско знаме. Големата слика беше дека припадници на два народа што не толку одамна се гледаа преку нишан, сега делеа заедничка иднина на славеничката маса, а проектот „Голема Албанија“ издиша засекогаш. Најголемата слика сепак беше дека Македонија по 17 години направи чекор напред кон ЕУ, нашата најважна стратегиска цел, колку и да изгледа помалку реална во моментов. Јасно стана притоа дека ЕУ немаше да организира вакво славење и да влезе во ваков процес ако немаше одредени гаранции дека ќе се одржи втората меѓувладина конференција, колку и да драматизира деновиве нашата опозицијата, која треба да го обезбеди двотретинското мнозинство.

Затоа, приказната за референдумот е само политички трик на ВМРО-ДПМНЕ за да ја префрли одговорноста за одлуката, што ќе мора да ја донесе, на граѓаните на Македонија. Политички трик со кој сака да прикрие исто така дека уште еднаш влада на СДСМ е таа што решила уште едно важно прашање на Македонија. Политички трик со кој ќе ги замајува и натаму своите поддржувачи, чии емоции со  месеци ги потпалуваше, додека не ги соочи со реалноста што се вика „уставни промени“. Бидејќи и за партија со националистичка идеологија, тежок товар и хипотека ќе биде таа да биде причината што Македонија нема да ги продолжи преговорите со Унијата бидејќи, сакале или не, проблемот сега е во нивни раце. Дури и за партија која десетина години водеше изолационистичка политика, тежок удар е да ги сврти против себе неколкуте сојузници кај кои сѐ уште „игра“ –  партииите на Урсула фон дер Лајен и Виктор Орбан.

Тоа лично им го соопшти вчера еврокомесарот Оливер Вархеи, кој ги стави под прашалник „политичката пристојност и европските вредности“ искажани од македонската опозиција во Собранието и го повика лидерството на ВМРО-ДПМНЕ да докаже тоа што го тврди – дека е за евроинтеграција на Македонија. Тој порача дека ќе „мора да ги изгласаат уставните промени“, место да седат и да бараат фалинки на преговорите, да бараат граници до каде се протега македонското јазично подрачје вклучувајќи го славното „Солун е наш“, место да им даваат толкава гласност на бугарските ставови, а преку Собранието да шират раздор и очај во јавноста.