Политичка коцка со импичментот на Трамп
Спикерот Нанси Пелоси најави дека Претставничкиот дом на САД ќе започне со официјална истрага за импичмент на Доналд Трамп, поставувајќи ја сцената за вонреден уставен судир околу наводите дека претседателот побарал помош од странска земја за да му наштети на политички ривал.
„Акциите преземени до денеска од страна на претседателот сериозно го нарушија уставот“, рече Пелоси во официјалното обраќање во вторникот навечер во Вашингтон. „Претседателот мора да биде одговорен. Никој не е над законот“.
Импичментот е ретка и драматична ескалација што ќе го преобликува веќе растресеното претседателство на Трамп, додека тој бара реизбор. Исто така, тој испорачува политички ризици во нацијата длабоко поделена околу овој претседател.
Трамп објави одговор на Твитер обвинувајќи ги демократите за „претседателско вознемирување“.
„Таков важен ден во Обединетите нации, толку многу работа и толку многу успех, а демократите намерно мораа да го уништат со повеќе расипувачки вести од лов на вештерки“, твитна Трамп од Њујорк додека присуствуваше на Генералното собрание на ОН. „Толку лошо за нашата земја!“
По неколкумесечен отпор пред повиците на многу демократи во Вашингтон, за Пелоси по одбивањето на претседателот Белата куќа да доставува извештаи на конгресните барања, не остана друг пат отколку да објави официјална истрага за импичмент.
За време на состанокот со демократската пратеничка група во вторникот, Пелоси рече дека тие мора да „удрат додека железото е жешко“, откако таа го постави случајот за истрага за отповикување.
„Ова е национално безбедносно прашање“, рече таа според висок помошник кој бил на состанокот. „И не можеме да му дозволиме да мисли дека ова е вообичаена работа“.
Таа вети дека ќе оди напред „експедитивно“.
Во своето официјално соопштение, Пелоси истакна дека претседавачите на шесте клучни комитети на Претставничкиот дом, кои веќе се вклучени во истрагата на Трамп и неговата администрација, ќе дадат препораки до Судскиот комитет, кој има надлежност да управува со импичментот. Нивните извештаи би можеле да помогнат во формирањето членови за импичмент против претседателот.
Покренувањето истрага за импичмент не мора да значи дека Домот ќе гласа да го обвини претседателот за „високи кривични дела и прекршоци“, иако тоа е веројатниот исход на таков процес. Ако Претставничкиот дом го обвини претседателот, членовите за импичмент тогаш ќе бидат испратени до Сенатот, кој го контролираат републиканците кои ретко раскинуваат со Трамп.
Соопштението на Пелоси следува по наводите дека Трамп извршил притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски во телефонскиот повик во јули да се истражи синот на Џо Бајден, поранешниот потпретседател, кој води во трката за номинација кај демократите.
Трамп призна дека разговарал за Бајден при јавувањето на Зеленски, но негира каква било сугестија за „quid pro quo“ (нешто за нешто), дури и како што е објавено дека ѝ наредил на својата администрација да задржи околу 400 милиони американски долари помош за Украина неколку дена пред неговиот разговор со Зеленски.
Овие обвиненија излегоа на виделина откако свиркач во службата за разузнавање на САД поднесе формална жалба, наводно, поврзана со телефонскиот повик. Џозеф Магуир, в.д. директор на националното разузнавање, одби да ги објави деталите за жалбата.
Магуир треба да сведочи денес, неговиот краен рок за предавање на жалбата на свиркачот до Конгресот.
„Имајќи го предвид неодамнешното известување за жалбата на свиркачот, сакам да појаснам дека ја исполнив мојата одговорност да го следам законот на секој чекор“, рече Магуир во изјавата во вторникот вечер. „Со нетрпение очекувам да работам со администрацијата и со Конгресот, за да најдам решение за оваа важна работа“.
Трамп во вторникот нареди нередактираниот транскрипт од неговиот летен разговор со Зеленски да биде објавен в среда, истиот ден кога двајцата треба да се сретнат на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Ќе видите дека тоа беше многу пријателски и тотално соодветен повик“, твитна Трамп. „Без притисок и за разлика од Џо Бајден и неговиот син, НЕ за quid pro quo!“ Нема докази за да се поддржи повтореното тврдење на Трамп дека Бајден неправилно ја користел својата позиција како потпретседател за украинскиот обвинител да му помогне на неговиот син.
Подоцна тоа попладне, Сенатот, во редок чин на заедништво, едногласно ја усвои резолуцијата со која се бара националното разузнавање да му ја предаде на Конгресот жалбата на свиркачот.
Промената на срцето на Пелоси дојде откако демократите низ целата партија ги засилија нивните повици за импичмент по откритијата за жалбата на свиркачот. Белата куќа одби да ја сподели жалбата со Конгресот, како што обично се предвидува со закон. Со месеци, Пелоси упорно ги одбиваше повиците за импичмент на Трамп, им кажуваше на колегите околу различни точки дека претседателот не „вреди“ да се отповика и дека повеќе би сакала да го види „во затвор“.
Судскиот комитет во Домот спроведуваше „истрага за импичмент“, што се однесуваше на откритијата содржани во извештајот на специјалниот советник Роберт Мулер за руското мешање во изборите во 2016 година, како и неколку други обвинувања против Трамп, неговата администрација и неговите финансиски врски. Но сега истрагата има целосна поддршка од спикерот, како и неколкумина некогаш колебливи членови на Конгресот.
Републиканците рекоа дека најавата на Пелоси е реторичка вежба.
„Таа не може еднострано да одлучи да одлучи за истрага за импичмент“, рече водачот на малцинството Кевин Мекарти во кратки забелешки по обраќањето на Пелоси. „Она што таа го изјави денес не направи никаква разлика во она што се случуваше“.
Само за двајца претседатели некогаш имало процес за импичмент – Ендрју Џонсон во 1868 година и Бил Клинтон во 1998 година. Ниту еден од нив не беше осуден од Сенатот. Ричард Никсон поднесе оставка пред да може да се гласа за целосна гласање за импичмент.
„Навистина нема друг лек освен импичмент“, рече конгресменката Прамила Џајапал, прогресивен член од Вашингтон и ран поддржувач на импичментот на претседателот.
Но не сите демократи го поддржуваат импичментот. Конгресменот Џеф ван Дру од Њу Џерси рече дека истрагата за импичмент ќе го одвлече вниманието од законодавните приоритети на демократите и ќе ги продлабочи политичките поделби во земјата. (Гардијан)