Политичка драма околу полицискиот час


Дури во 17 часот на владина седница ќе се одлучува колку ќе трае карантинот за претстојниот продолжен викенд, иако тоа е веста што ја чека цела нација, поради престојниот продолжен викенд.

Премиерот Оливер Спасовски денес порача дека одлуките во однос на ситуацијата со коронавирусот се носат исклучиво врз основа на оценките на науката, на стручните луѓе и во тој контекст сите партии имаат речиси идентичен став, освен претставникот на опозицијата.

-Има препорака пред три дена од Комисијата за заразни болести во однос на карантинот, но за денеска одлучив да ја закажам седницата на Владата. Нема други причини, ниту недоразбирања, ниту различни ставови, прилично сме унисони дека треба да носиме одлука врз основа на науката, а не врз основа на политиката. Скоро 100 отсто, освен претставникот на опозицијата. И досега, не само што се повикувавме, туку и ги носевме одлуките врз основа на стручните луѓе, истакна Спасовски кој денеска присуствуваше на предавањето на донацијата на респиратори на Клиниката за инфективни болести.

Тој потенцира дека политички одлуки не се решение на здравствени проблеми.