Политичарите на билбордите сериозни, на митинзите опуштени : Секој моден гаф како несоодветен збор


Фото: Б. Грданоски

Лејла Сабит  

На билбордите како господа и дами не гледаат сериозно или со блага насмевка на секое ќоше, низ цела Македонија. Како да ги облекол стилист, а ги нашминкал врвен мејк-ап артист или фризер. Смели вратоврски, смел кармин. Кандидат(к)ите за пратеници и премиери на парламентарните избори на митинзите, средбите со граѓаните или на домашните селфија се полежерни, поопуштени во кошули со завртени ракави, со некое кило повеќе или помалку , дури и во маица кои ги откриваат стомачните мускули формирани во теретана, а никако деформирани во кафеана.

И оваа кампања, како и претседателската, се мери и со стилот на облеката, не само со она што го зборувате на говорница, секој моден гаф како несоодветен збор може скапо да чини зашто вие сте репрезент на нацијата дома и во светот. Добар и соодветен изглед никогаш не одмогнал, туку може да помогне и да донесе екстра политички поени.

Јавноста тука и во светот знае да биде немилосрдна, да ве осуди за лош стил, но и за премногу брендирана и скапа облека. Компромисот и дипломатијата во водењето преговори се важни и за стилот на политичарите и претседателите.

Има ли граница до каде можат политичарите со стилот да поентираат или да киксираат ?

Се зависи од годините, воспитувањето, образованието, стилот на облекување и почитувањето на дрес-код. Правилото е што поедноставно, тоа подобро. Секогаш во долги ракави и со палто, и кај мажите и кај жените.  Нема топло ми е, ладно ми е. Политичарките со класичен стил, во панталони, во здолниште или фустан до колена, со тенки хулахопки и полувисоки чевли со затворен преден дел, и минималистички накит. Мажите исклучиво во костум, никако во друга неформална облека. Со вратоврска или без вратоврска.

Белата кошула е најдобриот пријател или непријател на македонските политичари. Многу кажува, но и премолчува, истакнува, но и покрива. Иако на прв поглед се чини дека е обично парче облека, тоа воопшто не е така. Кај мажите може да биде и здодевна, но ако не ја менувате секој ден, веднаш се приметува. Белата  кошула е моден класик, ако изберете во друга нијанса, може да ве погледнат под око.

Фото: Б. Грданоски

Белата кошула или некоја друга во посветла нијанса е секогаш добар избор како за формални така за полежерни модни комбинации и со малку имагинација за момент може да го освежи целиот изглед и да делува ефектно, без разлика дали се работи за свечен, деловен, класичен или спортски стил.

Политичарите треба да ги имаат десетина во плакарот, со различни видови на крагни, совршено испеглани, без остар раб на средина на ракавите. Со украсни манжентни, или обично закопчување-тоа ги разликува политичарите и нивниот софистициран вкус во однос на стилот.

Белата кошула, за жал ја открива и вашата топ-форма. Ако сте позаоблени, не можете да носите струкирани модели, а и веднаш ви го оцртува стомакот.

Затоа, политичарите треба да внимаат во официјалните пригоди. Да избираат бели кошули со нормален крој или да го закопчуваат сакото ако не се сигурни во својот изглед.

Фото: Б. Грданоски

Покрај класичниот крој, белата кошула добива различни модифицирани верзии, од минималистички и ненаметливи до драматични и артистични.