Полициско куче откри рекордна колична на хероин со вредност и до 87 милиони евра


Словенечката полиција и цариниците одзедоа 730 килограми хероин во пристаништето во Копар, што е најголема количина на запленет хероин во историјата на Словенија.

Пратката, чија улична вредност се проценува и до 87 милиони евра, била адресирана на една компанија во Будимпешта, а ја откри полициско куче, соопшти полицијата, пренесува СТА.

Присутноста на дрогата во товарот, кој во Копар по скенирањето е оценет како сомнителен, ја откри полициско куче, а била скриена во контејнер со 437 ролни полиетиленска фолија.

Полицијата во него открила 1.421 пакет со хероин, со вкупна тежина од 730 килограми, што во последните 30 години е најголемата количина од таа опасна дрога откриена во Словенија.

Словенечките власти веднаш ги известиле колегите од Унгарија и тогаш е откриено дека криминална група од Унгарија го организирала превозот на контејнерот со дрога од Иран, наменет за унгарска компанија.

Со анализа на дрогата утврдено е дека станува збор за хероин од висока класа, мешавина со 70 проценти чист хероин, за кој по уличните цени во Европа би можело да се добие од 65 до 87 милиони евра.

Во координација со унгарската полиција, донесена е одлука за „контролирање на пратката“, што значи дека е допуштено дел од пакетот да стигне на конечното одредиште.

Пратката на 5. ноември пристигнала во Унгарија, каде ја презел 47-годишен маж и ја однел во складиште изнајмено на негово име.

Според информациите, мажот е уапсен и во неговата куќа се пронајдени околу 90.000 евра.

Засега не е познато дали уапсениот маж делувал сам, но се претпоставува дека тој бил само еден од организираната криминална група.

Полицијата наведе дка и во Словенија е се поголем бројот на граѓани кои се занимаваат со криумчарење на наркотици – хероин од Турција и кокаин од Јужна Америка.