Полицискиот синдикат излезе на протест, бара основната плата да биде колку минималната

Независниот синдикат на полицијата (НСП) денеска одржа протест во Скопје на кој беше побарано да се почитува Законот за минимална плата и основната плата во полицијата да биде најмалку колку минималната плата. Се бара и воедначување на судската пракса на целата територија на државата и спроведување на судските постапки во законски предвидените рокови.
„Денеска сме тука пред судовите да им укажеме дека многу им е и таа два отсто доверба што ја имаат граѓаните. Да им укажеме дека платата на полициските службеници е составена од основна плата плус зголемување. Законот за минимална плата предвидува дека основната плата на работниците не може да биде под минималната плата. Не може да важат законите во државата за полицијата единствено кога таа треба да се казнува“, изјави Мартин Ефемов, претседател на НСП.
Како што нагласи, овој протест е со единствена цел и барање на воедначување на судската пракса на целата територија на државата.
„Во моментов имаме илјадници предмети што полициските службеници ги водат против Министерството за внатрешни работи и во кои бараат да се досуди разлика до минималната плата. Полициската плата е составена од основна плата плус зголемување, минат труд, додатоци и така натаму, а по Законот за минимална плата, основната плата не може да биде под минималната плата. Ова што го говориме е така и истото е кажано и од Апелацискиот суд во Гостивар и од Апелацискиот суд во Битола. Судии од Граѓанскиот суд во Скопје и од Апелацискиот суд во Скопје на 21.03. носат решение со што се обидуваат да направат сосема друга и поинаква судска пракса. Ова доаѓа по нивното советување, конференција, состанок – како и да го кажеме, во Министерството за внатрешни работи, каде што претпоставуваме дека поради умилкување, судиите што ги именувавме, сакаат да постигнат целосна промена на судската пракса и законот во полицијата да не важи“, рече Ефремов.
Кристина Ампева од Сојузот на синдикати – петта сила, изрази поддршка и рече дека работниците очекуваат правна држава.
„Како некој кој доаѓа и од невладиниот сектор, морам да истакнам дека изминатите години, децении – судскиот совет, судиите, целиот судски систем доби доволно финансиска поддршка, доби доволно техничка поддршка, меѓутоа, повторно, довербата на граѓаните е токму два отсто. Жал ми е што тие два отсто доверба што ги имаат, се благодарение на неколку чесни судии коишто ги имаме на територија на Македонија, меѓутоа, тоа не е доволно, повторно ќе речам – странскиот фактор навистина инвестираше во нив“, рече Ампева.
Министерството за внатрешни работи во реакција наведе дека го почитува и поддржува уставно загарантираното право на протест. Во соопштението на МВР се вели дека „од јавно достапните информации може да се заклучи дека незадоволството кое е изразено преку овој протест, не е насочено кон МВР туку кон постапувањето на одредени судови во процесите во кои полициските службеници ги остваруваат некои свои права“.