Полицискиот синдикат бара да престанат политичките борби во МВР

Македонскиот полициски синдикат денеска преку соопштение побара да престанат политичките борби кои одат на штета на Министерството за внатрешни работи и на довербата што граѓаните ја имаат во оваа институција.

-Изминативе месеци поминавме тежок и напорен период во кој се поставивме единствено во интерес на граѓаните и државата, онака како што доликува на припадници на Министерството за внатрешни работи. За жал борбата со КОВИД – 19 се уште не е завршена и нашата задача не е исполнета. Свесни сте дека во овој период на техничка влада се соочивме со многу невообичаени и несекојдневни ситуации. Добро се сеќаваме на кризните ситуации кои за малку што не ескалираа а беа предизвикани од инсистирањето по секоја цена да се направат кадровски промени во Министерството. Со наша помош и залагање ова се реши, се вели во соопштението.

Но, додаваат од Македонскиот полициски синдикат, тензиите не стивнаа и понатаму.

-Се направија кадровски промени на сите дисциплински комисии и тоа повторно без дијалог. Советници кои не припаѓаат на Бирото за јавна безбедност и се дел од политичките кабинети се појавуваат во организациски единици за кои не се надлежни и тоа создава збунетост кај вас. Токму во овие моменти на политички борби вие имате обврска да се издигнете над политиката и да не дозволите партиски влијанија да ве водат. Да не дозволиме оваа „техничка” ситуација во Министерството да ги наруши капацитетите и довербата која граѓаните ја имаат во македонската полиција, реагира Македонскиот полициски синдикат.

-Наместо да испраќате политички пораки, постапете професионално на дело, а не само со зборови, реагираше директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски во изјава за НОВАТВ, на реакциите на неколкумина началници на неговата изјава во која тој го критикуваше техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за партиски притисок врз полицијата.

„Излезете на терен и заедно со полицајците спроведете ги мерките за заштита кои се од интерес на сите нас. Издигнете се над партиските повици и задржете го професионалниот, но пред се личниот интегритет и заштитете ги граѓаните од кои сите ние сме платени. Изминативе три години довербата во полицијата порасна и сега сме и најпотребни на државата и граѓаните, да не ги разочаруваме”,вели Тасевск.

Началниците на СВР Скопје, СВР Штип, СВР Струмица и СВР Охрид, денеска со писмени изјави до медиумите застанаа на страната на Чулев и побараа извинување од директорот на БЈБ. Сите тие се дел од назначувањата кои ги направи техничкиот министер за внатрешни работи веднаш по преземањето на функцијата во јануари годинава. За некои од нив, како за првиот човек на СВР Скопје Ристо Ставрески тој дојде во судир со дополнителна заменик министерка Славјанка Петровска.

Препукувањата меѓу директорот на БЈБ и министерот за внатрешни работи започнаа со изјавата на Чулев кој одговорноста за зголемениот број заболени со ковид-19 ја префрли на Тасевски.