(ВИДЕО) Полицискиот час место во петок ќе почне во сабота попладне


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче оцени дека сите рестриктивни мерки на Владата дале одлични резултати и дека болничките капацитети не се преоптоварени, што било и целта. Анализите покажале дека се создадени услови за благо ублажување на рестрикциите за движење на сметка на мерките за лична заштита.

Согласно тоа се предлагаат измени на полицискиот час, кој треба да важи секој ден од 19 часот, место од 16 часот како досега. За возрасните да се продолжи времето за излегување од 8 до 12 место од 10 до 12, а полицискиот час во викендот да почне во сабота во 13 часот и да трае до понеделник наутро, во 5 часот…Младите до 18 години сега ќе може да се движат од 13 часот до 16 часот.

Се воведуваат паралелно нови мерки за лична заштита – маски во затворени објекти, а  на отворено ако не може да се одржи дистанцата од два метри, односно таа ќе стане задолжителна во самопослуги, банки, аптеки…

„Попрецизно, заштитна опрема треба да се носи на сите јавни места од затворен тип како маркети, продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи и сите затворени објекти каде што има повеќе лица. На отворените јавни површини заштитна опрема треба да се носи на места каде што нема простор за дистанца. На пример, пазарите, тие се места каде што мора да се носи таква заштитна опрема“,рече Филипче.

Исклучок за носење на заштитна опрема се прави само ако лицето престојува во двор на станбена семејна куќа, вози велосипед или спортува на отворено, но ја држи потребната дистанца од два метра и не го прави тоа во група, согласно наведените рестрикции. Исклучок за носење заштитна опрема ќе има и при возење во патничко моторно возило заедно со членови од семејството кои живеат во заедница, односно во едно домаќинство.

Ова според Филипче мора да се почитува, особено дистанцата од два метри, а компаниите ќе бидат принудени да ги заштитат вработените и да не примаат никого без маска.

Овие мерки се уште не се донесени, но утре ќе се дискутираат на седница на Владата и на неа ќе се каже од кога ќе се применуваат.

Според Филипче препораката за користење маски на Владата не важи само за трите града, Прилеп, Куманово и Тетово, туку за целата држава, но со дополнителна одлука Владата ќе каже од кога ќе важи на целата територија на земјата.

За апликацијата „Стоп корона“ министерот немаше точна бројка колку ја симнале, но посочи дека таа се движидо неколку илјади.