Полициски час во Ница


Градоначалникот на Ница, Кристијан Естрози, денеска издаде наредба за воведување полициски час во неговиот град од 20 часот, јави дописникот на МИА.

Откако изутринава се одлучи да ја затвори славната Променад де Англе (шеталиштето на Англичаните) и да стави крај на приливот на шетачи и покрај инструкциите за останување дома, градоначалникот на Ница, Кристијан Естрози, издаде наредба ова утро да се воведе полициски час во неговиот град од вечерва во 20 часот.

-Јас штотуку ја донесов наредбата. Од 20 часот, откако ќе се затворат продавниците и аптеките, никој нема причина да излезе. Значи, не излегуваме, освен персоналот специјално овластен со оваа уредба: медицински или социјален персонал за оние кои прават домашни посети на кревки луѓе на пример, носат оброци, соопшти градоначалникот.

-Исто така, ние ќе го намалиме интензитетот на осветлувањето на градот од 20 часот. Ова ќе испрати сигнал. И за оние кои мислат дека тоа би можело да ги олесни делувањата на деликвентите, ги уверувам: ние имаме мрежа на инфрацрвени камери за видео надзор: лесно ќе ги забележиме оние што се спротивставуваат на овие мерки за да можат нашите полицајци да ги фатат, појасни Кристијан Естрози.

Самиот заболен од корона вирусот, Кристијан Естрози е во самоизолација во својот дом, исто како и неговите главни соработници.