Полицискиот час од 22 до 5 часот треба да трае две недели


Фото: Б. Грданоски

Засега не се планираат нови мерки и рестрикции за угостителските објекти

 

Министерот за здравство Венко Филипче, по предлог на Комисијата за заразни болести денеска на Главниот координативен кризен штаб предложи воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територија на цела држава. Комисијата дополнително ќе се произнесе од кој ден да почне полицискиот час и до кога да трае истиот, соопшти Министерството за здравство.

Филипче денеска го образложи предлогот, велејќи дека полицискиот час ќе трае две недели, а ќе важи и за време на викендот.

„Последните недели се зголемува инциденцата на епидемијата. Во Кавадарци целосно се исполнети болничките капацитети, па профункционира и модуларната болница. Исто е и во Прилеп. Во Скопје гледаме дека сѐ повеќе пациенти се задржуваат на болничко лекување, па затоа повторно се стави во функција модуларната болница во Инфективната клиника, а спремни се и сите интерни клиники да примаат пациенти, онака како што беше во ноември“, рече Филипче.

Министерот образложи дека овој предлогот на Комисијата е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање.

Министерот вели дека ударот на зголемен број пациенти во болниците не е така нагол, како што беше на почетокот на ноември.

„Тоа е значајна разлика, без разлика на инциденцата и не знаеме дали така ќе продолжи, но ние мора да сме подготвени и во таа насока препораката на Комисијата за заразни болести е да има ограничување на движењето по 22 часот, во смисла да се спречи групирање по затоворање на угостителските објекти без почитување на епидемиолошките мерки“, додаде Филипче.

Засега не се планираат нови мерки и рестрикции за угостителските објекти, најави Филипче, затоа што таму има протоколи. Сѐ што треба е тие да се почитуваат, порача министерот, а инспекторите да контролирата дали се затвора на време и дали се почитуваат другите протколи за непречено работење на рестораните и кафулињата. (Н.В.)