Полицијата во Париз ги забрани протестите против полициското насилство по немирите


Полицијата во Париз го забрани планираниот протест против полициската бруталност што треба да се одржи денеска, една недела откако Франција беше потресена од немири предизвикани од убиството на тинејџер во предградие на Париз. Портпаролот на париската полиција изјави дека планираниот протест на Плоштадот на републиката е забранет поради ризик за јавниот ред, наведувајќи го „контекстот на тензија“ по неодамнешните немири и насилство на улиците низ Франција.

Претседателот Емануел Макрон и француските власти ги отфрлаат обвинувањата за институционален расизам во рамките на силите за спроведување на законот во земјата, но по смртта на тинејџерот Нахел М., тие се под зголемен притисок од активисти да го решат проблемот со расното профилирање и регрутирањето и обуката на полицијата.

Француската полиција беше под лупа на јавноста откако полицаец на 27 јуни го застрела 17-годишниот Нахел на семафор. Младиот човек возел спортски автомобил без дозвола.

Полицаецот обвинет за убиство на тинејџер е приведен и покрената е истрага за убиство од небрежност. Неговиот адвокат изјави за новинарите дека полицаецот нишанел во ногата на бегалецот, но во нападот на автомобилот истрелот завршил во градите. Полицаецот, тврди адвокатот, немал намера да го убие младиот човек.