Полицијата претепа и уапси новинар на Би-Би-Си за време на протестите во Кина


 

Кинеската полиција претепа и уапси еден од новинарите на Би-Би-Си кој известуваше за протестите против мерките за Ковид-19 во Шангај, но тој беше ослободен од притвор по неколку часа, јави Би-би-си, пренесе Ројтерс.

„Би-Би-Си е крајно загрижен за односот кон нашиот новинар Ед Лоренс, кој беше уапсен и со лисици на рацете додека известуваше за протестите во Шангај“, се вели во соопштението на портпаролот на британскиот јавен сервис.

„Тој беше задржан неколку часа. За време на апсењето, полицијата го тепаше и клоцаше. Ова се случи додека тој работеше како акредитиран новинар”, додаде портпаролот.

Шангај е еден од многуте кинески градови кои протестираат против строгите ограничувања поради Ковид-19.

Протестите се проширија откако една зграда се запали во Урумчи на западот на земјата, а нејзините жители не можеа да се спасат од пожарот поради строгите мерки, во кој животот го загубија десет лица.

Би-би-си вели дека не добиле веродостојно објаснување за притворот на Лоренс.

„Не добивме никакво официјално објаснување или извинување од кинеските власти, освен тврдењето на официјалните лица кои подоцна го ослободија, дека го уапсиле за негово добро во случај да се зарази со Ковид-19 од толпата“, според Би-Би-Си. .