Полицијата повика на разговор четворица функционери на СДСМ затоа што беа на натпреварот Македонија – Данска
Публика на спортските натпревари не може да има, па сепак четворица функционери, меѓу кои и еден пратеник и градоначалник беа синоќа на ракометниот натпревар Македонија Данска и од трибините се радуваа на победата на нашите ракометари.
Полицијата денеска ги повика на разговор за да одговорат на прашањата зошто ги прекршиле и со чија дозвола здравствените протоколи.
Пратеникот на СДСМ Дарко Каевски, градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, и директорите на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, и на затворот во Шутка, Филип Андонов, објавија и фотографии на Фејсбук за тоа дека се на трибините и на тој начин ги кршат протоколите.
Во изјавата на Галетановски за СДК тој вели дека на натпреварот присуствувал како дел на менаџментот на РК Спартак од Кисела Вода, на покана на ракометната федерација.
„Се прочитав на списокот кој што бил предаден во МВР еден ден пред натпреварот, ме сместија уредно и го проследив мечот. Тврдам дека не прекршив ниту еден протокол и доколку Обвинителството пронајде вина во некоја моја постапка повикувам да постапи според законот“, вели Галетановски.
Според оваа логика, секој ракометен клуб во државава може да испрати свои претставници и да се наполни половина трибина во моментите кога е забрането собирање во групи.
И од телевизискиот пренос можеше да се забележи дека на еден дел од трибината имаше собрано повеќе луѓе кои навиваа само не можеше да се одреди во кое својство се наоѓаат таму.