Полицијата на ЕУЛЕКС упадна во домовите на Тачи и Весели


 Припадници на полицијата на Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС упаднаа денеска во домот на досегашниот претседател на државата Хашим Тачи во местото Чаглавица во близина на косовската престолнина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Полицајци и истражители на ЕУЛЕКС, придружувани од припадници на косовската полција, денеска ги претресоа и домовите на лидерот на Демократската партија на Косово , Кадри Весели и на шефот на пратеничката група на партијата Движење самоопределување, Реџеп Селими, а во средата, на 4 ноември, и на поранешниот собраниски спикер Јакуп Красниќи.

Сите четворица се меѓу основачите и главните фигури на Ослбодителната војска на Косово и како такви се обвинети од Специјализираните комори за Косово и веќе се наоѓаат во Хаг, каде што е седиштето на тој меѓународен суд кој ги испитува претпоствените злосторства против цивилите Албанци, Срби и други за време и непосредно по косовско-српската војна во 1998-99 година.

Тачи беше политички директор, Весели го водеше разузнавањето, Красниќи беше портпарол, а Селими еден од истакнатите команданти на ОВК од нејзиното основање и во текот на војната со Србија.

Красниќи беше спроведен во Хаг во средата, додека останатите тројца вчера беа префрлени во холандската престолнина со воен авион.

Според информациите во косовските медиуми, засега е потврдено дека Тачи ќе се појави пред судот в понеделник, на 9 ноември.

Од Специјалниот суд денеска објавија соопштение во кое се наведува дека во Косово деновиве се одвива операција на Специјалното обвинителство за Косово.

– Операциите на Специјалното обвинителство се одвиваат со поддршка на Полицијата на Косово и ЕУЛЕКС. Детални информации ќе бидат објавени наскоро, соопшти Судот.

Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на меѓународниот суд,  кој во косовската јавност е познат како „суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии.

Покана да се јават пред Обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.

Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.