Полиција со солзавец по демонстрантите во Хонгконг, на годишнината од задушените протести во метрото


Интервентната полиција на Хонгконг испука солзавец за да ги растера демонстрантите на годишнината од бруталното задушување на протестите во метрото.

Десетици активисти се собраа вечерва пред метро-станицата „Принц Едвард“ извикувајќи продемократски пароли и положувајќи цвеќиња.

Но, полицијата набрзо го прогласи собирот за нелегален, по што пристигна и интервентната полиција опремена со палки. солзавец и бибер спреј за да ја растера толпата и да обезбеди и претресе неколку лица.

Полицијата соопшти дека уапсила 12 лица, вклучувајќи 17-годишник кој рекол дека е „новинар“ и лице кое со себе имало реплика на огнено оружје. Девет лица се уапсени за нелегалниот собир.

Лани на 31  август полицијата влезе во метро-станицата „Принц Едвард“ и беше снимена како удира патници во вагонот, оставајќи ги раскрвавени. На новинарите и медицинскиот персонал тогаш им беше забранет пристап до станицата.

Барањето за истрага за полициските дејствија за време на овој протест беше меѓу главните барања на продемократските и активистите за човекови права, кои, исто така, бараат и амнестија за повеќе од 9000 приведени лица и слободни избори.

Властите во Пекинг и на Хонгконг ги отфрлија барањата бидејќи протестите, велат тие, се заговор планиран во странство за дестабилизација на Кина.