Полицаец од Ресен сведочеше за „Титаник“: 78 луѓе ги немаше на адресите, а беа во Избирачкиот список


Фото: Б. Грданоски

Полицаецот Агрон Кранлиевски, вработен во полициска станица во Ресен, сведочеше на денешното рочиште за случајот „Титаник“. Тој истакна дека жители од Пустец се нашле на избирачкиот список за изборите во 2013 година, иако не живееле во Ресен.

„Проверките ги вршев на наведените адреси. Во 2012 година за проверка ми беа дадени повеќе од 100 луѓе на три различни адреси. На адресата на Љупчо Поп Гошев, ул. Мите Богоевски беа наведени дека живеат 45 граѓани. При првата проверка ниту едно од лицата не беше на наведената адреса. Втората адреса беше на улица Борис Кидрич, во стан, каде што беше пријавено дека живеат од 25 до 30 луѓе. И тука при проверката немаше ниту едно лице, како и на третата адреса каде исто беше пријавено дека живеат од 25 до 30 луѓе. Добив наредба уште два пати да направам проверки но повторно немаше никој, истакна сведокот.

„Кај Љупчо, од сите 45 луѓе, ниеден не беше пронајден“, сведочеше полицаецот. Тој рече дека вакви проверки правел и на други локации: „Кај Сандре Темелковски имаше 25 до 30 луѓе…“

Сведокот кажа дека му било наредено да извршат дополнителни проверки, но и тогаш не биле пронајдени.

Сведокот истакна дека пред изборите забележал дека во избирачкиот список имало 78 гласачи за кој тој претходно три пати се изјаснил негативно, односно дека не живеат на наведените адреси во Ресен.

„78 луѓе од тие што ги имав за проверка, не беа на адресите, а беа во Избирачкиот список“, рече полицаецот. Кранлиевски кажа и дека секојдневно по 50 до 60 луѓе кои не биле од Македонија, чекале пред полициската станица и дека добил наредба да ги извадат на паркингот за да не прават метеж.

„Луѓето почнаа да доаѓаат за сликање, а ние забележавме дека не ни се познати, не се од градот. Ни беше речено да ги извадиме на паркингот пред полициската станица за да не прават гужва. Во разговор истите лица кажаа дека нема да излезат надвор и дека се пуштени со нивните пасоши, по наредба на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко“, се присети полицаецот.

Во предметот „Титаник“ на СЈО, кој е во доказна постапка, покрај експремиерот Никола Груевски, за серија кривични дела поврзани со изборен криминал обвинети се ексзаменичката за правда, Билјана Бришкоска Бошковски, ексшефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, пратеникот Илија Димовски.

Oбвинети се и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, ексградоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, двајца од Агенцијата за разузнавање: Киро Тодоровски и Мунир Пепиќ, како и уште 11 други обвинети, вработени и членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски и Леко Ристовски ќе треба солидарно да ѝ вратат на државата 2,2 милиона евра доколку кривичниот суд ги осуди за виновни во предметот „Титаник“.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.