Полесно повредениот полицаец пуштен на домашно лекување

Едниот од двајцата полициски службеници од Полициската станица Чаир кои вчера беа повредени откако биле нападнати од група граѓани во населбата Шуто Оризари, кој се здобил со полесни повреди беше донесен во Ургентниот центар, по што беше пуштен на домашно лекување, изјави за МИА раководителот на Ургентниот центар Алберт Леши.

Посочи дека кај нив бил донесено уште едно лице со посериозни повреди односно со нагмечување во пределот на главата, со контузија и потрес на мозокот.

– Полицаецот имаше речиси незабележителни повреди. Цивилот мислам дека е сместен на Клиниката за неврохирургија, додека другиот полицаец кој бил посериозно повреден бил однесен во Градската општа болница „8 Септември“, додаде Леши.

Од ГОБ „8 Септември“ се уште нема информација за состојбата со повредениот полицаец.

По синоќешниот инцидент на распит во полиција се повикани повеќе лица и во моментов се работи на расчистување на случајот.