Полемика во Србија околу вакцинацијата на странците
Премиерката Ана Брнабиќ призна дека рокот на вакцините на „АстраЗенека“ истекувал во април, а во Србија немало голем интерес за нив
Вакцинацијата на странските државјани во Србија се одвиваше и вчера. Гужвата беше помала отколку претходните денови, кога граѓаните на околните земји дојдоа во Србија – на вакцинација. Телевизијата Н1 јавува дека мислењата за тоа во Србија се различни и дека некои експерти велат – сè можеше да биде поинаку и посоодветно за епидемиолошката состојба.
На белградскиот саем, каде има масовна ревакцинација, вчера ги немаше оние редици од луѓе кои чекаа да се вакцинираат.
Премиерката Ана Брнабиќ вели – тоа беше гест на солидарност.
„Немаше политика во тоа што ги поканивме, ниту во фактот дека тие дојдоа. Она што е најсимпатична слика, што најдобро го прикажува целиот овој викенд и поинаква слика за регионот, е екипажот на ‘Албанија вингс’, кој дојде во униформа во Белград за да се вакцинира“, вели Брнабиќ.
Но познатиот епидемиолог Зоран Радовановиќ има малку поинакво гледање: „Создаден е непотребен ризик за оние луѓе кои патуваат, тие се изложени на заразување, а и за нас, бидејќи масата луѓе што дојде, од кои некои се сигурно заразени, претставуваат дополнителен ризик за нас“.
Брнабиќ признава – не бил само алтруизмот причината зошто беа поканети соседите. Во Србија нема доволно интерес за вакцината на „АстраЗенека“, а рокот истекува во април.
„Проценивме дека ќе ни останат околу 20-25 илјади вакцини, кои за жал ќе мора да ги уништиме и сакавме да поканиме луѓе од регионот да се вакцинираат“, рече Брнабиќ, јавува Н1
Потребно беше да се води грижа за тоа пред да се набават 15 милиони вакцини, а според пресметките, идеалот за Србија е три милиони, потенцира Радовановиќ и додава дека целосно се вакцинирани едвај милион граѓани.