Полемика околу апсењето на медицинска сестра на демонстрациите на здравствените работници во Париз


Вчерашните демонстрации во Париз на здравствените работници, кои собраа околу 18. 000 до 20. 000 учесници, завршија со судири со силите на редот, по инцидентите предизвикани од таканаречените „црни блокови“. Апсењето на една педесетгодишна медицинска сестра предизвика полемика во Франција, каде минатата недела се демонстрираше против полициското насилство, јави дописникот на МИА.

Снимките од нејзиното апсење веќе се видени неколку милиони пати на социјалните мрежи.  На еспланадата на Инвалидите, таа беше насилно уапсена од силите нан редот и влечкана по земја, со крваво лице. Во видеото се гледа дека  таа повеќепати од полицајците бара да се послужи со вентолин, лек што се зема од астматичарите. На тоа полицајците и одговараат „требаше да мислиш на тоа претходно“.

Сестрата е притворена под обвинение за „навреда, бунт и намерно насилство“, што потоа доведе до собир пред комесаријатот, каде таа е приведена.

-Не е можно да им се аплаудира во март, април и мај и потоа да се апсат и ставаат во притвор во вакви услови во јуни. Нема да попуштиме се додека не биде ослободена, објаснува Бенжамин Амар, портпарол на синдикатот СЖТ.

Силите на редот, од своја страна, се обидоа да се оправдаат, потенцирајќи дека само неколку минути порано, истото тоа лице фрлало предмети врз полицијата и ја навредувало.

-Без разлика на контекстот, никој не заслужува да добие удари, да се најде со лисици на рацете и да биде ставен во притвор, изјави пратеникот од Непокорна Франција, Ерик Кокрел, кој, исто така, се најде пред комесаријатот.

Полицаецот, кој беше погоден од демонстрантите, ќе поднесе пријава, додека друг полицаец ќе се појави како сведок.