Пол Шапиро : Земјите тешко се соочуваат со историјата ако таа е запис од лоши и негативно извршени дејства
САД – Министерството за надворешни работи на Бугарија во понеделникот објави соопштение во кое се наведени повеќе барања од страна на официјална Софија за да се повлече блокадата за отпочнување на пристапните преговори за влез на Северна Македонија во ЕУ. Едно од тие барање е идентификација на јавни натписи на спомен плочите или спомениците од Втората светска војна „кои предизвикуваат омраза кон Бугарија и бугарскиот народ и нивно отстранување“, како што се вели во соопштението на бугарското МНР.
Токму за ова прашање за историјата, МИА разговараше со американскиот историчар Пол Шапиро, директор за меѓународни работи во Музејот на Холoкаустот на САД, една од главните светски институции за документација, архивирање и изложување материјални факти за прогонот и масовното уништување на Евреите за време на Втората светска војна.
На сајтот на оваа авторитативна институција, сместена на Националната алеја во центарот на Вашингтон, се вели дека „музејот ги инспирира граѓаните и лидерите од целиот свет да се спротистават на омразата, да спречат геноцид и да промовираат човечко достоинство“.
Господине Шапиро, дел од натписите на овие спомен плочи и споменици што Бугарија бара да бидат променети или отстранети всушност го одбележува прогонот на македонските Евреи за време на Втората светска војна. Можете да коментирате околу ова?
Општо земено, земјите многу тешко се соочуваат со историјата кога историјата е всушност запис од лоши и негативно извршени дејства. Во оваа смисла, секоја земја, вака или онака, поминувала периоди кога покажувала дека прифаќа или отфрла да се биде искрен во својата спремност да се соочи со фактите за Холокаустот. Едно нешто во кое сите треба да сме сигурни е дека фактите не можат да се сменат. Многу е важно да се има чист запис за фактите, до оној степен до кој ќе можеме да кажеме дека ги знаеме.
Во врска со тоа што се случило во Македонија, сега Северна Македонија, постои фактичка многу добро документирана и достапна информација. Тие факти не можат да се променат. Сѐ што може да се менува е спремноста да се учи од нив и одбивањето да се учи од нив.
Во изминатите 80 години многу земји се обидуваа да одржат одредени митови за нивното однесување за време на Втората светска војна. Во Франција на пример, луѓето се држеа до таков мит дека сите Французи биле во отпорот и дека против Евреите на територијата на Франција работела само Германија. Ова всушност не е вистина. Денес записите се прочистени и во Франција тоа е прифатено како вистинска историја. Во Романија, земја многу блиску до вас, митот со години беше дека таму немало Холокауст. Но, земјата денес јавно призна дека фактите кои можат да бидат демонстрирани во архивските записи укажуваат дека Романија била голем злосторник, голем убиец на Евреите и на Ромите.
И САД имаат национален мит, дека ние исто така не сме знаеле што им се случувало на Евреите, и тоа е причината што не сме работеле доволно силно и доволно рано за да ги спасиме оние кои можеле да бидат спасени. Ситуацијата во САД денес се промени и има голем интерес да се разберат пропустите на нашата земја.
Она што ме прашувате е дел од една траекторија во која се гледа желба да се негира или да се деформира или да се промени историјата. Тоа не смее да биде направено. И тоа обично се прави во политички цели, понекогаш тоа се прави едноставно како дел од националната гордост и мислам дека е потребно да се признае. Многу тешко е да се соочиме со настаните околу Холокаустот, тоа е така не само за вашата земја и Бугарија, туку насекаде низ Европа.
Не сум навлезен толку многу во деталите за тоа што бара Бугарија, но ги знам фактите. А фактите се факти и тие не можат да бидат променети. Минатото не може да се промени, а може само да се научи нешто од него и врз основа на тоа да се промени иднината. Тоа е нешто во кое ние ги посветуваме нашите животи, во чесно истражување, во чесно студирање на минатото, за да извршиме позитивно влијание врз иднината.
Бугарија и Северна Македонија формираа експертска комисија составена од историчари од двете земји. Што мислите, дали ова може да помогне во решавање на проблемите околу историјата на двете земји? Дали историчарите можат да се дистанцираат од дневна политика со употреба на објективни аргументи за историската вистина?
Дали историчарите можат да придонесат? Да, можат. Затоа што тие можат да ја документираат историјата, не гледиштата за историјата. Но, можноста на историчарите да ја изведуваат таа функција во национална комисија, или мултинациолна комисија, зависи од политичката волја на организаторите на комисијата. Да ви дадам еден позитивен пример кој се случуваше во изминатите две децении. Не би сакал да одам подалеку. Примерот за Меѓународната комисија за Холoкаустот во Романија, составена од експерти од САД, Франција, Израел и Германија, половината од историчарите и експерите сепак беа Романци. Го давам позитивниот пример со Романија бидејќи таа се наоѓа во вашиот регион, нејзината историја не беше добро позната, и каде беше многу тешко да се истражува за време на комунизмот. Во Романија со години, како политичките лидери така и академската средина, сите негираа дека Холокаустот се извршувал во оваа земја. Ова резултираше во одреден притисок да се истражат архивите од военото време. И тогашниот романски претседател, Јон Илиеску, излезе со предлог да се формира комисија. Таа комисија (во 2004 година) издаде извештај и претстави том од оригинални документи за увид во јавноста.
Тој извештај помогна во трансформација од земја каде постеше целосно негирање на Холокаустот и улогата на Романија во него, во земја која пред неколку години дури и претседаваше со Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот, во земја која ги предводеше напорите за создавање работна дефиниција за антисемитизмот што е во употреба до денес. Романија стана земја која создаде специјален Институт за изучување и за документирање на сите записи за Холокаустот, за да бидат достапни за истражувачите и учителите. Историската комисија во Романија продуцираше мошне позитивни резултати поради тоа што постоеше политичка волја во власта за конечно откривање на вистината. Нешто што беше невозможно да се направи претходно, невозможно да се направи такво истражување, за време на комунистичката власт.
Според ваше мислење, кој во Европа стои зад барањето на Бугарија за промена на историјата на Северна Македонија. Дали стојат одредени земји, групи, или интереси?
Не би коментирал политички прашања, но она што можам да кажам е дека во моментот кога ќе се заложиш да бидеш искрен за историјата, создаваш патека за подобра иднина за својата земја. Треба да знаеме дека не постои ниту еден жив човек одговорен за тоа што нивните претходници, нивните баби и дедовци, нивните прабаби и прадедовци го сториле пред 80 години. Никој денес не е одговорен, никој. Единственото прашање е дали можеме да разбереме што се случило тогаш, за ние самите никогаш да не бидеме вовлечени во слични предрасуди и во слични видови злосторства. Тоа е фундаменталното прашање.
Уште, можам да кажам што може да се направи од страна на Македонија, и што може да биде контролирано од Македонија. Во овој поглед постои Музеј на Холокаустот во Скопје, и тоа навистина добар, навистина добар. Тоа е позитивно. Факт е дека е сработено многу во прочистувањето на историјата и во нејзината достапност до јавноста. А тоа е многу важно, и поради тоа станува многу потешко да се биде натеран да се прави тоа што другите мислат дека треба да се направи. Ова може да стои во конечната анализа. Така што, ве охрабрувам оваа вистина да остане позната, и да продолжи да биде достапна за јавноста.