Покренато обвинение за Силвана Бонева за незаконските патни трошоци

Поранешна пратеничка од Струмица е обвинета за продолжено кривично дело Измама во службата, случај во рамки на предметот „Друмарина“ што го водеше поранешното СЈО. Таа се товари дека од 2011 до 2015 година до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6.458.551 денари.

-Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за продолжено кривично дело – Измама во службата од член 355 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 став 3 од Кривичниот законик. Станува збор за предметот во јавноста познат како „Друмарина“ за кој истражната постапка ја водеше Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, соопшти Јавното обвинителство.

Обвинетата во периодот од 01.01.2011 до 16.12.2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи ист траен однос и прилики. Имено, таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6.458.551 денари.

Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања.