Покрај Русковска, и „Талир“ се испречи пред Законот на Заев


Фото: Б.Грданоски

Откако го прочитаа предлог-законот за Обвинителство што го објави премиерот Зоран Заев, во ВМРО-ДПМНЕ излегуваат со низа забелешки и најавуваат оти не постои шанса да го прифатат во оваа форма. Од партијата велат дека единствено со што се согласуваат е Специјалното јавно обвинителство да се инкорпорира во Основното јавно обвинителство.

„Тоа е појдовна точка од која можеме да почнеме да преговараме доколку власта има интерес. Ние одамна тврдевме дека СЈО не може да постои како независна институција, туку може да се формира ново обвинителство во рамките на постојното јавно обвинителство кое ќе се занимава со гонење на висока корупција и криминал. Но, во предлог-законот на Заев има делови што се апсолутно неприфатливи и со кои премиерот сака да протурка решение што би значело продолжување на ова искомпромитирано СЈО, па дури и на кадри што му помогнаа да дојде на власт и сега да ја зачува. Хипотетички, новото Обвинителство би можело да ја продолжи истрагата за случајот ‘Талир’, кој е исклучиво политички конструиран против нашата партија, а кој СЈО го покрена по законскиот рок од 30 јуни 2017 година. Ние не може да дозволиме едно урнисано СЈО да го замениме со друго, како и да се вика новото, но тоа да биде еднакво неквалитетно, непрофесионално и корумпирано како постојново“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие се незадоволни и што одделот треба да го води обвинителката Вилма Русковска, која го водеше случајот „27 април“, како и неколку други против функционери на ВМРО-ДПМНЕ, поради што го привлече гневот на опозицијата. Во вмровските кругови таа се доживува како синомим за партиско обвинителство блиско до СДСМ.

„Во ниту еден развој на настаните нема да прифатиме таа да биде прв човек во новото обвинителство. Освен тоа, според предлог-законот, нејзе ѝ се даваат толкави ингеренции што нема да му одговара ниту на главниот обвинител, односно на шефот на сите обвинителства“, коментираат нашите соговорници.

„Талир“ е името на предметот што го отвори СЈО за незаконска изградба на зградата каде што е сместено партиското седиште, како и за незаконско финансирање на партијата.

Двотретинско мнозинство до први август?

Предлог-законот што во петокот го соопшти претседателот на Владата, им беше испратен на сите политички партии што партиципираат во Собранието и се чека да пристигне до канцеларијата на претседателот Талат Џафери што најверојатно ќе се случи во вторник. Тој има рок од три дена да им го препрати до пратениците, а најдоцна за десет дена да свика седница. За тоа време ќе помине низ матичната парламентарна комисија.

„Во зависност од проценките, можно е да се стави и по скратена процедура. Тогаш веднаш се закажува седница на матичната комисија и законот се става на гласање. Пратениците се на одмор од 1 август. Доколку има договор меѓу партиите, изгласувањето ќе оди бргу. Но, и доколку нема компромис меѓу власта и опозицијата, има доволно време да се изгласа новото законско решение до крајот на месецот доколку нема опструкции од некоја пратеничка група“, објаснуваат извори од Собранието.

За да се донесе законот, потребно е двотретинско мнозинство. Од тие причини, власта најпрво ќе се обиде да најде договор со ВМРО-ДПМНЕ. Ако не успее, ќе се обиде да стигне до 80 пратеници, слично како и во случајот со промената на името на државата. Во овој момент е неизвесно како стојат силите во парламентот, затоа што пратениците што не се дел од власта очекуваат епилог од договорите меѓу владата и ВМРО-ДПМНЕ, односно елегантно одбегнуваат одговор како би гласале со објаснување оти сѝ уште не го прочитале предлог-законот.

Од Министерството за правда ги охрабруваат пратениците своите забелешки за предлог-законот да ги преточат во амандмани. Од Правда се зачудени што опозицијата не ја прифаќа Русковска да биде на чело на новото Обвинителство.

„Очекуваме поддршка за Законот, особено што ВМРО-ДПМНЕ кога поднесе амандмани до министерството на претходниот текст на Законот, не предлагаше никакви кадровски промени во Обвинителството за организиран криминал. Со новиот текст на Законот, практично е прифатен нивниот предлог СЈО да биде дел од јавното обвинителство и Русковска да ги води случаите на СЈО“, потенцираат од Министерството за правда.

Во меѓувреме, продолжува истрагата за случајот „Рекет“, чиј епилог го чека и шефицата на СЈО во оставка, Катица Јанева. Обвинителството соопшти дека заплениле џипови, мотори и скутери за забава за вода, како и глисер при претреси во Охрид и Дебрца. Се проценува дека запленетите предмети на второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец се проценува на еден милион евра. Истрагата е во тек, но сѐ уште е неизвесно дали ќе продолжи кон пратеници и обвинители, чии имиња се споменуваат во јавноста. Русковска рече дека при претрес во домот на Јанева бил одземен само еден од двата нејзини телефони. Нејзиниот син Лазар, кој работи како правник во телевизијата на Бојан Јовановски – Боки 13, рекол дека мајка му го изгубила вториот телефон во Белград. Освен тоа, во истрагата било утврдено и дека Јанева била на спикерфон додека Боки 13 вршел рекет врз бизнисменот што го пријави случајот.

Според предлог-законот на Заев, новото СЈО ќе се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство. Сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат. Новото обвинителство ќе има свој буџет, што ќе го одреди и пресмета шефот на овој оддел.

Неделава се очекува и силна дипломатска активност во земјава. Во посета доаѓаат Филип Рикер – помошник-државен секретар во САД и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Се очекува тие да помогнат во пронаоѓањето компромис за Законот за обвинителство, кое е важен предуслов за добивање старт на преговорите за членство во Европската Унија.

Горан Адамовски