Македонско знаме со 12 краци на официјалната прослава за 35 години од независноста- ВМРО вели дека е „уметничка инсталација“
Знаме со 12, наместо со осум краци, синоќа беше прикажано на големата прослава во Охрид како дел од одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.
Музичкиот спектакл „Силно светнал ден“ беше одржан на стадионот „Билјанини извори“. Охрид беше првата станица од најавената турнеја, која треба да опфати 11 македонски градови. Завршниот настан е најавен за 4 септември во Скопје.
„Силно светнал ден“ во Охрид: 35 години Македонија раскажани низ музика и сцена
Прикажувањето на знамето предизвика реакции од опозицијата.
„На официјална државна прослава за 35 години од независноста, платена со огромни суми пари од граѓаните, власта на Мицкоски го утна македонското знаме“, изјавија од СДСМ.
Оттаму побараа Владата да објави која компанија била ангажирана за организацијата на настанот и да се соопшти колку средства биле потрошени за прославата, како и кој ќе понесе одговорност за пропустот.
Согласно член 4 од Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија, државното знаме треба да се прикажува исклучиво во формата и со содржината утврдени со закон, без какви било измени. Според член 30 од истиот закон, за употреба на знамето во поинаква форма и содржина од пропишаната се предвидени парични глоби до 5.000 евра.
Од владејачката партија велат дека станува збор за уметничка инсталација во која повеќекрако сонце визуелно се претопува во македонското државно знаме со осум зраци.
„Настанот „Силно светнал ден“ по повод 35 години независност, е поздравен од сите граѓани и ја обедини државата, а само Филипче и тие неколкумина околу него пробуваат да го оцрнат проектот.
Нам тоа ни е јасно, затоа што тие се политички глодари и лешинари кои не сакаат Македонија да оди напред. Години и години ќе ни требаат да ја поправиме штетата што вие, талогот на општеството, со децении и ја правите на Македонија“, се вели во соопштението на ВМРО.