Погрешна тревога – на Даравелски не му застарела казната


 

По вчерашната тревога во одредени медиуми оти избеганиот поранешен директор  на Царинската управа, Драган Даравелски, се вратил во Македонија затоа што му застарела затворската казна, денеска се спушти таа тензија затоа што озлогласениот кумановец сепак останува во затвор.

Основниот суд во Куманово пресмета дека на Даравелски не му е застарено извршувањето на казната, што значи дека тој останува во затворот „Идризово“.

„Во однос на застареноста, неа ја констатира надлежен суд. Од известувањети кое го добивме од судот во Куманово апсолутна застареност на извршувањето на казната по пресуда на Основниот суд Скопје 1,К.бр.809/05 настапува на 26.03 2028 година“, изјави од Министерството за правда за „Фокус“.

Последното барање за екстрадиција од јуни 2020 година го поместил рокот за застарување. Во вчерашните тревожни извештаи на медиумите се тврдеше дека настапила застареност на пресудата на Даравелски од 2007 година на седум години затвор, бидејќи поминале повеќе од 10 години. Според пресудата, со злоупотреба на службената положба Даравелски го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра од 1999 до 2002 година.

Тој сега има право да бара повторено судење, бидејќи првиот пат бил осуден во отсуство.