Погребот на Младиќ ја влошува позицијата на партијата на Вучиќ во ЕПП
Вознемирувачките сцени од погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ во Белград не можат да се игнорираат во рамките на тековниот процес на преиспитување на улогата на Српската напредна партија (СНС) во Европската народна партија (ЕПП), во која таа има статус на придружен член, соопшти денес ЕПП.
Во соопштението на Политичкото собрание на ЕПП што се состана во Тулуз, се потсетува дека „Младиќ е одговорен за геноцидот во Сребреница и за низа од најтешките воени злосторства извршени за време на војните во поранешна Југославија“. и се истакнува дека „неговите злосторства утврдени пред меѓународните судови никогаш не смеат да се релативизираат, слават или заборават“.
„Наместо да се справуваме со тоа темно наследство, бевме сведоци на јавни и државни почести на неговиот погреб, учество на високи српски функционери и отворени изрази на поддршка на јавни места. Ваквите постапки се длабоко загрижувачки и се во јасна спротивност со вредностите на помирување, почитување на жртвите и одговорност врз кои почива европскиот проект“, се додава во соопштението објавено на веб-страницата на ЕПП. Политичкото собрание на ЕПП истакнува дека „во рамките на тековниот процес на преиспитување на статусот на СНС овие неодамнешни настани не можат да се занемарат“.
Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, во септември 2025 година објави започнување на процесот на внатрешна ревизија на улогата на СНС во рамките на Европската народна партија.
Поради придружното членство на СНС, ЕПП се најде под притисок од други политички групи бидејќи Србија сè уште одржува блиски односи со Русија и Кина, одбива да се усогласи со надворешната политика на ЕУ, како и поради репресијата врз учесниците во студентските и граѓанските протести, а притисоците беа дополнително засилени по погребот на Младиќ.
Кон средината на септември, ЕПП потврди дека покренале постапка против СНС, меѓу другото, за глорифицирање на воени злосторници.