Поголемиот број фирми без добивка ќе остават и повеќе вработени без К-15


Годинава поголем број фирми ќе работат без добивка, па согласно Колективните договори и законските прописи, тие немаат обврска да исплаќаат надомест за годишен одмор, популарниот К-15. Сепак, и покрај ова, премиерот Зоран Заев ги повика ваквите фирми доколку имааат можност, да го сторат тоа.

„Законите и колективните договори се јасни и треба да се почитуваат до крај, а тие даваат бафер каде може флексибилно да се дејствува во делот на исплата на К-15. Оние правни субјекти кои нема да остварат добивка немаат обврска да исплатат К-15 и други издатоци. Таму каде ќе остварат добивка се должни да го почитуваат Законот и Колективниот договор“, рече денес премиерот Заев на прес конференцијата за четвртиот пакет економски мерки, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека е јасно дека годинава голем дел од компаниите нема да покажат добивка.

„Тоа нам ни е јасно и затоа аконтациите на данок на добивка се одложуваат и таму согласно законот го имаат и баферот да не се исплати К-15“, рече тој додавајќи дека сепак, апелира дури и оние фирми што оваа година нема да покажат добивка, а имаат, како што кажа, „финансиски резервоари“ создадени од претходни години и финансиска моќ да исплатат К-15.

„Тоа е поддршка кон нивните работници, поддршка на  граѓаните, а за економијата значи зголемена потрошувачка моќ“, рече премиерот Заев.