Поголема група кандидати за амбасадори и генерални конзули поминала на Влада


Тимчо Муцунски (Фото: Б. Грданоски)

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска изјави дека во тек е пополнување на местата за шефови на дипломатско-конзуларните претставништва. Тој истакна дека една поголема група кандидати за амбасадори и генерални конзули поминала на седница на Влада од пред неколку недели.

– Имињата не можам да ги споделам бидејќи постапката е сè уште класифицирана. За сите се побарани агремани, за некои од нив имаме добиено одговор, и тоа е нормално во дипломатската практика да чекаме одговор. Природно се случува на некои амбасадори да им завршат мандатите, но работиме во некој поскорешен период да имаме целосна пополнетост на позициите шефови на дипломатско-конзуларните претставништва од гледна точка на амбасадори и генерални конзули – рече Муцунски на заедничката прес-конференција со министерот за трговија и интеграции на Казахстан, Арман Шакалиев.

Во меѓувреме, посочи Муцунски, и во тие главни градови каде што нема амбасадори, има вршители на должност амбасадори, кои се искусни дипломати од редот на вработените во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. 

Муцунски пред речиси еден месец потсети дека над 60 проценти од новите кандидати за амбасадори и генерални конзули се професионални дипломати од редот на вработените во МНРиНТ со богата дипломатска кариера од повеќе од 20 години и, како што нагласи „тоа се врзува со нашата заложба, која почна со измените и дополнувањата на Законот за надворешните работи“