Поголем буџет и плати, „паметна одбрана“, НАТО членството шанса за бизнисот

Фото: Б. Грданоски

Продолжуваат реформите во одбранбениот сектор, со стабилно финансирање на одбраната и достигнување на два проценти од БДП за одбранбениот буџет до 2024 преку пораст за 0,2 проценти од БДП секоја година. Понатамошен пораст на платите, но и зголемување на борбената готовност и интероперабилност на Армијата и нејзина сериозна модернизaција, особено земајќи ги предвид новите безбедносни предизвици. Развој на Лесната пешадиска баталјонска група лоцирана во гарнизонот во Штип со фокус на обуката и опремувањето, продолжување на отпочнатиот проект за набавка на оклопни транспортери на тркала, сајбер одбрана, воведување на воено воздухопловство од западно производство, набавка на лична заштитна опрема за припадниците на Армијата, за набавка на системи за против-воздушна одбрана.

Ова се само дел од најавените активности во владината програма 2020-2024 во одбранбениот сектор, каде што меѓу другото се најавува дека во делот на стратешките документи, главниот фокус ќе биде на Планот на одбранбените цели кој што ги дефинира нашите развојни планови и активности во согласност со процесот на НАТО одбранбеното планирање – NDPP – NATO defence planning process.

Владата ќе продолжи да инвестира и во модернизација на Армискиот полигон „Криволак“, ќе се специјализираме, во духот на концептот на „паметна одбрана“, ќе се реконструираат објекти во касарна Илинден, Команда на SEEBRIG, Воена Академија, водоводна и канализациона мрежа во касарната во Штип.

Информациите и лажните вести, како и стратешките комуникации и односите со јавноста, стои во Програмата, стануваат безбедносни прашања од највисок приоритет.

Ја остваривме повеќедецениската стратешка цел, членство во НАТО! Тоа значи мир, стабилност, сигурна иднина. Со НАТО ја обезбедивме целовитоста и развојот на државата. Членството во најмоќниот сојуз ќе го искористиме мудро и стратешки. Сојузот е извонредна шанса за мала држава со ограничени ресурси да ја зголеми својата специфична моќ и да ја искористи за свое влијание, стои во владината програма 2020 – 2024.

За таа цел, Владата планирада обезбеди активна и способна Мисија во НАТО која, како што стои во програмата, на дело ќе покаже дека државата има знаење, искуство и нов модерен дух на работа и соработка.

– За три години успеавме, од меѓународно изолирана држава, раскарана со соседите, со закочени евроатлантски процеси, со неизвесна и безперспективна иднина, да изградиме држава-пример која носи храбри одлуки за идинината. Држава-фактор на стабилност и просперитет на регионот. Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Република Бугарија ги отвори широко вратите за нашето членство во НАТО и Европската Унија, потсетуваат во програмата.

Во делот од програмата насловен „Без безбедност нема развој“ се оценува дека членството во НАТО е нашиот најголем државен успех, со што е остварен сонот на основачите на македонската независна држава.

– Станавме дел на најмоќната воено-политичка алијанса која светот ја видел, како една меѓу еднаквите. Владата на Република Северна Македонија не го гледаме како крај туку како почеток на едно ново поглавие во историјата на нашата земја: безбедноста ни дава шанса и сила да бидеме поамбициозни и посилни во сферите на економија, добро владеење и правна држава, се посочува во програмата.

Со членството во Северноатлантската договорна организација и со идното членство во Европската Унија, продолжува изградбата на способностите за колективна одбрана, кооперативна безбедност и управување со кризи. Според тоа, прашањето на опстанокот е затворена тема, а стабилноста, развојот и иднината на државата остануваат приоритет.

НАТО е шанса и за нашата бизнис заедница. Со полноправното членство, за нашите компании се отвори и големиот ланец на набавки/снабдување со производи за потребите на НАТО Алијансата.

Обезбедени се првите информации и контакти со соодветните НАТО агенции, а во новиот мандат стратешки ќе помогнеме на сите наши заинтересирани фирми поорганизирано да ја искористат оваа шанса за развој и поголем извоз.

Самитот на Европската унија во март 2020 година донесе одлука да ги отвори преговорите со Република Северна Македонија, без никакви условувања. Новата методологија која ЕУ ја усвои за преговарање е во согласност со тоа што ни е и нам најважно. Преговорите да бидат суштински, предвидливи и ефикасни, со единствена и неоспорна крајна цел полноправно членство во ЕУ.

– Европските интеграции и сите реформски чекори и одлуки ги правиме заради нас. Суштината на сите реформски процеси е Северна Македонија да стане современа, развиена, демократска, уредена и отворена држава, се вели во владината програма.

Светската ковид криза, се подвлекува, покажа колку се важни сојузништвата. Членството во НАТО и отворените преговори за членство во ЕУ, стои, ја потврдија важноста да се биде рамправен член на овие големи семејства и во време на развој и во време на криза. Финансиската поддршка од 160 милиони евра од ЕУ, како и поддршката во медицински материјали за полесно справување со кризата не изостанаа. Помошта од НАТО членките беше брза и ефикасна.

Важноста на одбраната и членството во НАТО, потсетуваат во владината програма, се покажа и во текот на вонредната состојба предизвикана од пандемијата со коронавирусот COVID-19.

– Во тешки и животнозагрозувачки услови, Армијата повторно го положи тестот со зголемена улога и одговорност во поддршка на полицијата, здравствениот систем, државните и локалните институции. Нашето успешно справување со последиците на пандемијата на COVID-19 беше возможно само со мобилизирана и подготвена Армија за што придонесоа бројните НАТО обуки и вежби. Дополнително, првата помош во поглед на заштитен материјал и опрема пристигна преку НАТО механизмот – Центар за одговор на непогоди (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre), подвлекуваат во програмата 2020-2040.

Се нагласува дека целта на нашата одбранбена и безбедносна политика, е да обезбеди мирен развој, независност и суверенитет на државата, територијален интегритет, уставен поредок и безбедност на граѓаните. Преку принципите на транспарентност, одговорност и отчетност од една страна, и одржливост и спроводливост на политиките базирани на продуктивноста и досегашните резултати од друга страна, Владата на Република Северна Македонија ќе ги продолжи успешните реформи во одбранбениот сектор.

За воспоставување одржлив систем на одбраната ќе се продолжи со стабилно финансирање на одбраната и достигнување на два проценти од БДП за одбранбениот буџет до 2024 преку пораст за 0,2 проценти од БДП секоја година.

– Стабилно финансирање значи стабилна и силна Армија и вистински придонес во Алијансата. Силна Армија значи и силна поддршка на државата во услови на кризи и акции за заштита и спасување на национално ниво. Силна Армија ќе биде и силна поддршка на цивилното општество, истакнуваат во владината програма.

Се најавува и понатамошен пораст на платите, но и зголемување на борбената готовност и интероперабилност на Армијата и нејзина сериозна модернизaција, особено земајќи ги предвид новите безбедносни предизвици. Владата ќе го спроведува Планот за опремување и модернизација на Армијата согласно приоритетите за опремување на декларираните сили преку повеќегодишни проекти: развој на Лесната пешадиска баталјонска група лоцирана во гарнизонот во Штип со фокус на обуката и опремувањето, продолжување на отпочнатиот проект за набавка на оклопни транспортери на тркала, сајбер одбрана, воведување на воено воздухопловство од западно производство, набавка на лична заштитна опрема за припадниците на Армијата, за набавка на системи за против-воздушна одбрана. Ќе ги засилиме обуките и вежбовните активности. Тежиштето во иднина и во овој сегмент ќе биде на декларираните сили, поточно Лесната пешадиска баталјонска група.

Во делот на стратешките документи, главниот фокус ќе биде на Планот на одбранбените цели кој што ги дефинира нашите развојни планови и активности во согласност со процесот на НАТО одбранбеното планирање – NDPP – NATO defence planning process.

Владата ќе продолжи да инвестира во модернизација на Армискиот полигон „Криволак“ со инфраструктурно поврзување, развој на нови содржини, решавање на проблем со водоснабдување, кој ќе стане домашен и НАТО ресурс, но ќе придонесе и кон зајакнување на локалните и националната економија. Експертите од НАТО и САД високо ги оценуваат капацитетите на АП „Криволак“, со можноста за прераснување во НАТО полигон за обуки и вежбовни активности. Воедно, ќе обезбедиме постојана мерна станица за да покажеме придржување до сите стандарди за зачувување на животната средина.

– Ќе се специјализираме, во духот на концептот на „паметна одбрана“. Информациите и лажните вести, како и стратешките комуникации и односите со јавноста стануваат безбедносни прашања од највисок приоритет. Имаме искуство и знаење кое може да го понудиме и да го надградиме: Регионалниот центар за односи со јавноста (РЦОЈ), во рамки на Министерството за одбрана, како акредитиран НАТО Центар за обука и едукација, ќе го развиеме како Регионален центар за борба против дезинформации и лажни вести за потребите на јужното крило на НАТО, во тесна соработка со Центарот за извонредност за стратегиски комуникации во Рига, наведуваат во владината програма.

Ќе се продолжи и со подобрување и обнова на инфраструктурата на воените објекти со реновирање на стари и изградба на нови објекти со имплементација на обновливи извори на енергија секаде и реконструкција на објекти касарна Илинден, Команда на SEEBRIG, Воена Академија, водоводна и канализациона мрежа во касарната во Штип.

Во првата година од мандатот, Владата ќе понуди структурна реформа на системите за управување со кризи и заштита и спасување преку реорганизација, опремување и обука на оперативните тимови за брза интервенција.

– Овие сегменти претставуваат фундамент во изградбата на отпорно општество од кризи и катастрофи. Тоа се покажа и во текот на кризната и вонредната состојба предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Во првата половина од мандатот ќе го реализираме системот за повици „112“, се предвидува меѓу другото во програмата 2020-2040.

Во соработка со домашните универзитети, се најавува воведување и на буџетска линија во буџетот на Министерството за одбрана за поддршка на проекти од интерес на одбраната. Ќе се земат предвид и научените лекции и искуството при учество во Science for Peace проектите. Министерството за одбрана ќе го поддржи секој научен проект кој ќе обезбеди финансиска поддршка од одбранбените научни фондови на земји членки на НАТО или од Алијансата.

Во првите 12 месеци, најавуваат, Владата ќе предложи измени во Законот за јавни набавки со кои се овозможува директно управување со финансиски средства во износ од околу 500 евра од страна на командите и касарните – децентрализација на буџетот.

Во Министерството за одбрана ќе биде формиран Центар за поддршка на домашните компании при настап на НАТО тендери. Целта ќе ни биде во првата година на нашето членство во НАТО да обезбедиме целосна комуникација помеѓу нашите комори и релевантните НАТО агенции.

Владата ќе продолжи да ја потенцира важноста и улогата на превентивна дипломатија, превенција на конфликти и хуманитарни активности. И во 2020 година, се подвлекува во Програмата 2020-2040, продолжува фокусот на нашето учество во меѓународните мировни операции и цивилни мисии во иднина.