Погодена административна зграда на „Сауди Арамко“ во Дахран, нема информации за жртви


 Административна зграда во градот Дахран, која му припаѓа на нафтениот гигант „Сауди Арамко“ синоќа била нападната, при што избувнал ограничен пожар, соопшти денеска саудиската државна информативна агенција СПА, повикувајќи се на претставник на Министерството за енергетика на земјата.

Властите реагирале на случајот и ги презеле сите потребни мерки, се наведува во соопштението на министерството, при што се додава дека нема информации за повредени или загинати.

Во меѓувреме, четири лица се повредени, а 15 станбени објекти претрпеле лесни оштетувања во Ријад, откако остатоци од две пресретнати ракети паднале врз саудискиот главен град, соопшти портпарол на локалната Цивилна заштита.

Ракетите биле истрелани од јеменските бунтовници Хути поддржани од Иран и биле пресретнати и уништени, изјави портпаролот, додавајќи дека се повредени две жени, еден маж и едно дете.