Погледнете во камера и имате карта за метро во Москва


Москва воведе иновативно бесконтактно плаќање билет за возење во метро. Имено, корисниците на јавниот транспорт во Москва само треба да погледнат во камерата и вратите на метрото ќе се отворат.

„Москва е прв град во светот во кој метрото функционира на овој начин“, вели заменикот на градоначалникот.

Овој начин на патување е многу поедноставен од другите, барем за оние кои се пријавиле за плаќање карта со препознавање на лицето.

Со помош на апликацијата МосМетро, корисниците сега може да се регистрираат за овој бесконтактен начин на плаќање со помош на фотографирање на лицето и банковната картичка.

Повеќе од 25.000 луѓе веќе ја искористија оваа можност на првиот ден од пуштањето во употреба, објави транспортното претпријатие на главниот град на Русија.

„Ги надминавме сите очекувања“, рече Максим Ликсутов, заменик-градоначалник, задолжен за јавен транспорт.

Контроверзната технологија беше тестирана од почетокот на годината. „За да влезат во метрото, патниците не мора да имаат картичка или паметен телефон – само да погледнат во камерата на влезот“, објаснува тој.

Системот работи на 240 метро станици во најголемата европска метропола. Се очекува начинот на плаќање, наречен Face Pay, во следните две до три години да го користат барем 10 до 15 отсто од патниците.

Сигурен е и може да се користи дури и кога носите маска на лицето, уверуваат надлежните. Независната организација Роскомсвобода, од друга страна, предупреди дека тврдењата за безбедноста на системот се многу сомнителни, и дека личните податоци може да завршат во рацете на безбедносните служби.