„Поглед“ од Њујорк: Михаил Корубин со шампањско наздрави за изложбата


Њујорк пред Скопје ја виде уметничката бескрајна приказна, светлост, раце, очи и ликови кои истовремено личат на секого и никого, насликана на 15 мега формати, платна работени во масло и акрилик техника на талентираниот уметник Михаил Корубин, од семејството на славни сликари како Миле и Рубенс Корубин.

На изложбата ” Поглед” (Gaze) во галеријата „MC“  на делата работени во последниве три години, со шампањско им се израдуваа членови на семејството Корубин- братот Дамјан со девојката Фросина, сопругата на Михаил-поп-ѕвездата Каролина Гочева, роднини од целиот свет, бројни нашинци од уметничкиот свет во Њујорк и допрва нови љубители на сликарството на Михаил кои ја сакаат современата ликовна уметност.

Досега Корубин има излагано во Канада, Сад, Франција, Бугарија , Македонија …

Застапен е во книгата “Masters of contemporary fine arts” на Art Galaxie .

Во каталогот за изложбата во Њујорк Михаил напиша за својата инспирација …“Таму каде што сум роден и израснат, пророците, светците и ангелите се со широко отворени очи. Многу генерации гледале во тие очи, а сега нивниот јасен поглед е вперен во мене, кој предизвикува чувство на личен контакт и свеченост, кое постојано ме следи.Во почетокот е само апстракција.Различни линии, бои и ритмови се појавуваат на платното и јас интуитивно се препознавам во нив. Секогаш сум во потрага по таа примарна состојба од која што енергијата и атмосферата ќе бидат трансформирани во синтеза на емоции од кои ќе се роди погледот.Така започнува мојата бескрајна приказна, светлост, раце, очи и ликови кои истовремено личат на секого и никого.Очи во очи контактот, ме внесува во пикторалниот простор, ја засилува дадената манифестација, ја насетува силата и волшебноста на моментот кој што се уште не го постигнал својот зенит.Сликите: Аура, Анима, Есенс, Катарзиз …Тие не се моменти случајно одбрани од мојот изминат живот, туку се се случуваат сега, замрзнати во времето, некаде измеѓу пред и потоа”.

Изложбата во Њујорк ќе трае до 28 aприл, годинава. Двојката Корубин не се враќа веднаш во Македонија. Ќе поужива во убавините и на Лос Анџелес во САД и на Мексико. (Л.С.)