„Поезија во фармерки“: Анте е национално богатство за кое треба сите заедно да се грижиме
Должност наша е да зборуваме, размислуваме и пишуваме македонски, да го сакаме својот јазик, својот народ и својата култура. Ние има со што да се гордееме оти земјата македонска создала многу великани. Тие се нашето културно богатство и инспирација. Тие се нашите учители и нашиот национален белег, тоа е нашиот голем поет Анте Поповски. Ова е кусото резиме кое произлезе на завршниот настан по работилниците од проектот „Поезија во фармерки“, одржани од април до октомври годинава, во библиотеката на СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, во рамките на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
На работилниците учествуваа 30 талентирани ученици од шест скопски средни училишта, гимназиите „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Георги Димитров“ и „Димитар Влахов“.
Како што соопштија од тимот на „Антево перо“, целта на проектот „Поезија во фармерки“ беше да ги инспирира, мотивира и вклучи средношколците во процесот на приближување до македонската поезија, да ги поттикне да мислат, читаат, пишуваат и живеат со јазикот на својата родина и да негуваат култ кон книгите и вистинските духовни вредности, што е основна цел и начело на целокупното дело на Анте Поповски.
-Уживавме во убавото емотивно дружење со младина која што љуби поезија и ветува иднина за македонскиот јазик. Учениците и учесници во работилницата „Поезија во фармерки” ни ги разиграа срцата читајќи ги своите творби, инспирирани од ликот и делото на Анте Поповски“, рече професорката Татјана Алексиќ.
Професорката и модератор, Митра Мими Спасова во своето обраќање посочи дека наша должност е да зборуваме и да размислуваме на својот јазик.
-Кога ќе зачекориш низ македонскиот јазик стануваш поблизок до својата родина, а потоа и до самиот себе. Допираш до дамарите на својата душа. Ги палиш кандилцата повторно и повторно недозволувајќи им никогаш да угаснат ,оти тие ја крепат креативната мисла. Должноста на Жорж и Александар Поповски кон нивниот татко е и наша должност затоа што Анте е национално богатство за кое треба сите заедно да се грижиме. Се поклонуваме пред неговиот збор со креативна мисла и новосоздаден збор од овие млади луѓе кои мотивирани од широката поетска реч на Анте создадоа свои прекрасни поетски текстови, додаде Мими Спасова.
До присутните се обрати и Жорж Поповски, кој информирајќи ги учениците за целиот проект и за манифестацијата Антево перо, истовремено ги охрабри да пишуваат и да ги следат конкурсите за необјавена збирка поезија на македонски јазик во конкренција за наградите „Антево перо“, Антев златник“ и Антев часовник. Тој додаде дека Манифестацијата и Здружението „Антево перо“ поддржуваат млади и неоткриени таленти кои имаат креативни поетски остварувања.
На настанот се читаа остварувањата на присутните ученици, кои беа мотивирани од поезијата на Анте Поповски.